Државата Македонија одамна функционира како приватна фирма на три фамилии СДСМ, ДПМНЕ, ДУИ со придружни паразити помали ,,партии,, крлежи, како акционерско друштво за правење профит, исклучиво на членовите на овие фамилии, најмногу за членовите од врвот на фамилиите.
Државниот интерес не постои, што се гледа според сите економски и општествени показатели, од бруто национален доход, големина на просечна плата до слобода во медиуми, екологија. Први по лошо, последни по добро, во светски рамки. Надлежните министерства и институции, почнувајки од Собранието, не работат во интерес на државата, туку работат на обезбедувањето на личниот профит, на газдите, фамилиите кои се ротираат на власт периодично. Сите надлежни министерства, се вклучени во обезбедувањето на личниот профит на фамилиите. Не на државниот интерес.
Министерството за култура не е исклучок, туку активен партиципиент, во перењето мозок на масите за маскирање на грабежите, на актуелните влади и како еден и единствен мецена, врбување на душите на уметниците, продукција и подршка на проекти, во служба на актуелен режим. Сите исклучоци како културни проблеснувања, на индивидуален план или поединечни културни институции, се резултат на херојска борба на поединци, токму со тој кој е задолжен за нивна подршкa.
Од 2006 до 2017 год. министеството за култура е главен финансиер на проекти и ангажирање уметници во реализацијата на најголемиот култороцид и пералница за пари, невидениот градежен кич Скопје 2014, и градење на култот на личноста на месијата, кој требаше новата супер раса антички Македонци да ги води како Мојсие, наместо со стап, со мобилен телефон, назад во светла античка иднина …Поплави бегаа, лекови и нови асфалти на улици, доаѓаа пред силата на неговиот мобилен.
Од 2017 до 2020 со новата власт се сменија 3 министри за култура. Првиот имаше допирни точки со културата, и токму тој беше сменет по неполна година како жртва на пазарења на фамилиите. Последните двајца министри се ,,извинуваа,, за нивната некомпетентост, едниот адвокат, другиот медицинар, ама си ја истераа задачата за профит на фамилијата која ги назначи.
Толку за фаќање на нов правец за заздравување на културата од погубните политики на претходниот 11 годишен режим. Во извршната власт, главен советник на премиерот, за култура, беше пензионирана естрадна пејачка, која покрај нејзините достигнивања на Цветници, Гоце фест, и др.естрадни настапи, се прослави заедно со сопругот, со увоз на шпански серии, вирусот за контаминација на ионака затруениот медиумски простор и ја отвори вратата за риалити шоу, турски серии, ѕвезде гранда, ѕвезде пинка…
Тотална ќенефизација на националните медиуми што следеше по пробојот на шпанските серии. Замислете го понижувањето на докажани уметници, високо образувани млади и талентирани уметници, театри, музеи, установи од витална важност за културата кога за да добијат помош од државата треба да го поминат филтерот на советникот кој последен пат стапнал во театар или музеј, кога го носеле колективно во основно училиште.
Кини дипломи, фрлај трудови, награди, во бистри води вардарски.
30 год. ниедна власт не најде за потребно да го заштити манастирот во Курбиново, вредните археолошки локалитети, да ја спречи и казни кражбата и трговијата на вредни икони, артефакти…Тоа што е заштитено и конзервирано е со донациии на странски влади…Охрид оскатен, езерото пресушено од дивоградби.
Националниот архив, од наменска зграда изградена по сите стандарди за зачувување на вредни документи, е префрлен во подрумите на стиропорската барокна шупа на археолошкиот музеј, во друштво на подземните води на Вардар, со цел за забрзано скапување…Итн, итн…Триесет годишно, систематско уништување на сите базични вредности, есенцијата на нашиот идентитет и култура.
За жал во ваков контекст на сурова реалност, вашите прашања за Културата во време на корона:
“ПРАШАЊА (Се однесуваат на Македонија и светот):
Уметноста и културата се прогласени за мртви во кризата со Корона вирусот. Сега мртвилото надвладеа токму онаму- кадешто претходно изгледаше невозможно- мислевме дека е надвор од умот да се живее без уметноста, без културата.
Каде го гледате излезот, што веднаш треба да се стори за да ги избавиме и нив, уметноста и културата, и воедно самите себе?
Како го гледате во иднина пазарот на културата и уметноста- дали ќе бидат неопходни реформи и целосно реструктурирање- каде акцентот ќе биде ставенна иновативност и експерименталност? Дали ќе надвладее ваквиот тип на култура, наспроти индустријата на онлајн забава (не секогаш во вулгарна смисла е оваа забава)- кадешто предничи филмската индустрија.
Што е уметникот денес? (Генерална оценка, но и прашање кое се однесува лично на вас)
Колку може оваа криза да го уништи уметникот? Колку може сепак и тој да ја уништи неа?
Дали после оваа криза ќе заврши ерата на културата на тривијалност, вулгарност, евтиност, културата на шундот и кичот, онаа селебрити култура, онаа култура на холивудски бесмислени спектакли и риалити шоуа? Или пак можеби оваа примитивна култура ќе се зацврсти на тронот, како неизбежен и единствен излез од суровата реалност со која сме опкружени- на болестите, смртта и безизлезноста?”
…да се надоврзам, вашите прашања, ме инспирираат ( со должна почит, без исмевање и лоша намера некој попаметен ќе ги одговори) како убава идеја за сатиричен скеч од типот на Монти Пајтон. Водителот со гас маска, поради миризбата, на дебатна емисија повикал група бездомници од Камени Мост, Шутка, Бит Пазар и други елитни бездомнички локалитети, дотерани во свечани највалкани партали, дебатираат за менијата на најпознатите париски ресторани, каде е најдобро зготвена поптполошка во сос од авокадо со малини и тартуфи на време набрани, исклучиво во шумите на француските алпи.
Да парафразирам: гладен сум за леб, вие ме прашувате за десерт.
Вашите прашања, повеќето од нив, се релевантни прашања за културна средина, со изграден државен интерес, со изградена визија, стратегија, институции со традиција и инфраструктура, техничка опрема и стручен кадар, подршка за независните и алтернативни уметници на централно и локално ниво, подршка за културата преку легислативата за ослободување од данок и сл. олеснителни околности за успешни комерцијални компании, стратегија за промоција и пласман на врвните културни производи, на значајни светски манифестации. Прашања што ги мачат културните работници во Франција, Италија, Англија, Данска…и др. културоленди.
Културата во Македонија не страда од корона. Претходно е ставена во изолација во државен карантин, да не го загрози кичот и примитивизмот. Страда, како и сите други општествени сегменти и е клинички мртва, од канцерот на политиката, алчниот волунтаризам на неписмените партиски војници, инсталиран во сите ешалони. Со ретки исклучоци, се разбира, што го потврдува правилото. Од портир до министер. Културните институции и културните уметници, според третманот финансиски и општествен, постојат само како алиби, атрибут пред меѓународната заедница за перцепција на држава. Нема држава без театри, музеи, култура….Еве, и ние имаме, како немаме.
Сигурно дека има позитивни примери, но тие не се резултат на некој државен план и стратегија, туку индивидуални проблесоци кои заради покажаниот успех државата е принудена да ги подржи. Сепак да веруваме дека нештата ќе се сменат на подобро. Пред зората е најтемно, нели. Полека локомотивата на НАТО и ЕУ ги повлекува вагоните на возот Македонија. Шкрипат з’рѓаните тркала, полека се придвижуваат ама нема застанување и враќање назад. Се движат се побрзо и побрзо.
Мицковски и Заев испотени, поцрнети од јаглен, фрлаат ќумур во котелот на локомотивата. Ахмети од платформа, ги уценува со вода за да фрлаат повеќе лопати. Пендаровски на управувачот, свири на сирената, да се качат сите на возот. Да не прегази некој, забрефтаната локомотива на правиот пат. Некој залутан советник, Малевски, да речеме. Паразитите крлежи го буткаат последниот вагон, бодрени со песна од пензионираната естрадна пејачка – советник. Нема веќе запирање. Возот јурии. Следна станица е ЕУ! Димитров и Османи во народна носија, со зурли и тапани и шота 20%, веќе го чекааат пристигнувањето на возот во Брисел, со погача леб и сол. Иии…
И…Еден убав ден, ќе се сврти тркалото. Влијанието на културата, уметноста, авторитетот на културните работници врз масите, ќе ја менува власта и политичарите, во Македонија. Уметниците ќе бидат ѕвезди, криминалците во затвор а на политичарите името нема да им се знае. Како во сите здрави демократски системи со функционални институции. Во реална, не, алиби држава.
Извор: Нова тв