За некого се пријатни, за некого се непријатни. Како и да е, Христијан Мицкоски дефинитивно приредува постизборни изненадувања, доведувајќи ги под сомнеж сите анализи на изборниот резултат кои тргнуваат од претпоставката дека тој ќе биде или жртва или саможртва на императивот ВМРО-ДПМНЕ изборниот процес да го оконча со суштинска, ако веќе не успеа со номинална победа.
Од острата реторика во предизборната кампања, навистина можеше да се стекне впечаток дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори оди на сѐ или ништо. Резултатот од натпреварот, кој покажа дека народот сепак не одлучил недвосмислено кој треба да го добие мандатот за состав на идната влада, се толкуваше и се толкува како можност Мицкоски, наспроти минусот од два мандата зад опонентот Заев, сепак да остане претендент за клучната позиција во новата извршна власт.
Арно ама, едно се анализите кои се темелат на постизборната аритметика, а нешто сосема друго е расправата за политиката и за принципите во политиката. На првата седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ после изборите, Мицкоски настапи со неочекувана теза – да, доколку се создадат услови, сакаме да го формираме новото парламентарно мнозинство, но не, ние не сакаме власт по секоја цена.
Што значи ова? Според моите информации, Мицкоски навистина не е спремен на пазарења и на компромиси кои би значеле напуштање на темелните принципи и идеолошки определби на ВМРО-ДПМНЕ и кои него лично би го довеле во ситуацијата некако да ја освои премиерската фотелја, но сега или во некоја скора иднина да биде принуден да се откаже од лидерската позиција во партијата. Иако пред изборите тој се приклони кон методот „целта ги оправдува средствата“, од битката се врати со губитничкиот штит в раце. И го носи така без предрасуди, целосно спротивно на спартсанската етика, која строго заповеда – со штитот или на него! Мицкоски одбива да глуми жртва и очигледно се самоослободил од императивот партијата да формира влада во речиси невозможни околности и по неприфатлива политичка цена. Спартанската етика очигледно не е на висока цена во модерната политика.
Се разбира, ВМРО-ДПМНЕ е голема партија и нормално е да се појават луѓе и групи кои ставот на Мицкоски ќе го доживеат како кукавичко повлекување пред притисокот тој и целото партиско раководство да си поднесат оставки. После едни тешки и контроверзни избори, такви конфликтни ситуации и треба да се очекуваат. И тоа не само во оваа партија. Веројатно затоа Мицкоски одлучи притисокот за неговата демисија да го пречека со статутарни измени, кои објективно значат, како што вели Антонио Милошоски, „значаен чекор напред во непосредната внатрепартиска демократија“. Не е мала работа да се воведе непосреден избор на идните кандидати за општински советници и на идните кандидати за градоначалници. Не е лесно да се ограничат мандатите на претседателот на партијата и на претседателите на општинските комитети. И дефинитивно не е безначајно укинувањето на „функцијата“ почесен претседател на партијата, затоа што тој потег ќе се толкува како формално раскрстување со наследството на Никола Груевски и на Љубчо Георгиевски.
Повеќе >> Колумна на Бранко Героски