Колумна на Бранко Героски:
Чумово. Село во Прилепско. После една страшна чума, го основале преживеаните жители на старото македонско село Маломомци. Чумата го нападнала и го запустила Маламомци, а преживеаните се преселиле на скришно место, во тогашната густа шума. Таму постанало Чумово.
Плашејќи се од повторен напад на чумата и празноверни како што ги дал Бог, чумосаните селото го заорале наоколу со една бразда со два црни вола близнаци и со двајца браќа близнаци. Подоцна, смислиле уникатен верски обред (Покрсти), да ги штити и од чумата и од разни други несреќи.
Интересно е дека жителите на чумосаното село Маломомци самите се нарекувале чумосани, уверени дека така ја „лажеле“ чумата за да не доаѓа веќе. Денес, чумосани сме сите ние во Македонија. И можеби така и треба да се наречеме, во надеж дека и ние ќе ја излажеме нашата нова чума. Наместо вака, од избори до избори, секоја година-две, со два црни вола и со двајца браќа близнаци, да ја ораме браздата на сопственото модерно празноверие.
Обредите се дел од традицијата, а новата светска чума е нашата сурова реалност. Македонија денес е балканско и европско Чумово. Се запустевме. Да ги позајмам тука зборовите на Славко Јаневски: „Минуваат чумосани сеништа што не ќе се смилостиват под влијание на туѓа добрина да не се стрчаат со итрина на стаорци и да не ја седнат крај нечија софра смртта“.
Македонија денес е земја на чумосаните сеништа. Европејците не ни дозволуваат да стапнеме на нивна почва. А и не е човек да им се налути. Кој сака крај негова софра смртта да ја донесеш?
Апологетите, пропагандистите и навивачите велат дека во време на пандемија, строгите ограничувања важат за сите земји. Но, не е така. Да, пандемија е, но не се сите балкански земји изолирани како Македонија. Покрај другите, на списокот на земји чии граѓани можат да патуваат без ограничувања во земјите членки на ЕУ, се и Србија и Црна Гора. Покрај другите, во земјите на ЕУ во кои ќе можат да патуваат Србите и Црногорците, но не и Македонците, се нашите соседи Грција и Бугарија.
Како само се менуваат времињата, како се врти тркалото на историјата!
Го паметам мојот прв пасош. Црвен. Југословенски. Сите ни завидуваа на нашите црвени пасоши. Со нив патувавме и на Запад и на Исток, без никакви ограничувања. За разлика од граѓаните од земјите зад Железната завеса, од кои некои денес се членки на ЕУ. И со мојот прв македонски пасош, во времето кога Македонија беше политички изолирана земја, кога не се знаеше дали ќе ја биде или не, со визи вакви или онакви, пропатував во САД, во Велика Британија и во повеќе европски земји. Мојот актуелен пасош носи и печат со новото службено име на мојата земја. „Република Северна Македонија“. Го сефтосав (печатот) ланското лето и зимата и толку беше…
Повеќе >> Плус Инфо