Професорката Ганка Цветанова Кедева во опширна колумна за република.мк на тема Европските односи и политики во однос на идентитетот јавно го поставува едно од прашањата кои полутајно ги поставуваат голем дел од граѓаните.
Прашањето што Цветанова го поставува во текстот “Одржливоста на Европскиот идентитет и ЕУ” е дали македонските граѓани треба да сакаат да бидат во заедница која што не е подготвена да ги прими како Македонци кои говорат македонски јазик и имаат своја автентична македонска култура историја и идентитет.
“Сепак, она што нас во моментов најмногу нè засега е позицијата на македонскиот народ во која што – заради хегемонистичките тенденции на една земја членка на ЕУ, Република Бугарија – грчевито треба да ја докажува и брани својата самобитност, чувството на припадност, правото на самоопределување, македонскиот јазик и историја. Се разбира, во овој контекст е неизоставно и споменувањето на лекоумноста на актуелната македонска владеачка гарнитура.
Да потсетиме уште еднаш дека официјалното мото на ЕУ гласи „Обединети во различностите“. Оттука, прашувам дали официјалното мото под кое Република Македонија би требало да го добие датумот за преговори ќе гласи „Обединети но обезличени“?!? Ако цената за влезот во Европската Унија е нашето обезличување, тогаш прашањето кое неминовно се наметнува е дали воопшто сакаме да бидеме дел од политичка заедница која тврди дека различните култури, традиции и јазици претставуваат позитивна придобивка за континентот а од друга страна не ја дозволува различноста и посебноста на македонскиот јазик и нација, при тоа свесно или несвесно погазувајќи ги вредностите на кои што се темели идејата за Европа и основата на европскиот идентитет”, пишува Цветанова Кедева во текстот кој повеќе е научна студија од колумна.
Целиот текст на овој линк