Ларис Гајзер кој ги објави снимките за аферата „Рекет“, открива од каде му се матерјалите со кои ја разбранува македонската јавност. Словенечкиот геополитички експерт и публицист вели дека доверлив извор од Македонија му предал некои документи и видеа кои биле доволни за да се открие аферата.
Доверлив извор во Македонија ми предаде некои документи и видеа што укажуваат на тоа дека специјалната обвинителка Јанева, со наводно знаење на премиерот Заев, го рекетирала обвинетиот за корупција, убедувајќи го дека во замена за 8,5 милиони евра може да му обезбеди ослободување“, објаснува Гајзер во интервјуто за словенечкиот портал со наслов „Ќе падне ли македонската влада на премиерот Заев поради еден Словенец и неговите обелоденувања?“.
Бидејќи со години ја следел ситуацијата во Македонија и гледал дека меѓународни мрежи се обидуваат да манипулираат со суверена држава за свои интереси, тој решил да ги сподели снимките со јавноста. Потоа, еден месец откога снимките биле во рацете на македонското обвинителство и тоа не презело ништо, Гајзер го дал материјалот во „Ла Верита“, со која соработува долго време како надворешнополитички коментатор.
Многумина ме прашуваат што ми требаше ова и секогаш одново одговарам дека со години ја гледам ситуацијата во Македонија. Преку моите написи, секогаш се обидував да ѝ помогнам на Македонија да избегне вакво понижување, да укажам на погрешните чекори на Европска унија во таа држава и да спречам меѓународните мрежи да создадат од Македонија преседан за манипулирање со една земја и со нејзините жители. Целосно сум разочаран од постапувањето на претставниците на Европска унија, која би требало да има за цел обезбедување на владеењето на правото и почитување на човековото достоинство. Останува мојата надеж дека преку моите извештаи и активности ќе можам да помогнам независните судии, кои го почитуваат владеењето на правото, да можат да истражуваат понатаму и да ѝ помогнат на Македонија да се движи кон поголема стабилност“, вели Гајзер.
Според Словенецот што предизвика земјотрес на политичката сцена во Македонија, нејзината стабилност е од интерес и на неговата татковина.
Од гледна точка на Словенија и на растечката мигрантска криза, како и на променливата геополитичка состојба на Балканот, на сите ни е јасно дека е во наш интерес Македонија да биде стабилна и функционална земја. Како Европејци, ние сме должни да ѝ помогнеме на Македонија на патот кон безбедноста и развојот. Наместо вештачки да ја изолираме, треба да ѝ помогнеме на нејзиниот пат кон Европска унија“, порача Гајзер на крајот од интервјуто за „Домовина“.