Спорот со Бугарија може да се реши и за шест месеци, но само ако македонската и бугарската влада почнат вистински дијалог и ако на маса ги изнесат сите отворени прашања, вели универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски за „Слободен печат“.
Според него, досегашните контакти меѓу Македонија и Бугарија не се вистински дијалог што води кон решение, туку предфаза на идниот дијалог. Ако двете влади отворат таков дијалог, во некоја фаза може да се појави потреба и од меѓународен посредник или олеснувач во некоја форма, но засега е важно таквите разговори да почнат.
– Нашиот дијалог со Бугарија се уште не е сериозно почнат. Досега имавме разговори, средби на комисии, а сето тоа е предфаза на идните вистински преговори. Двете влади треба да седнат на маса и да ги издвојат сите теми што се спорни, историјата, идентитетскиот комплекс, регионалната соработка, договорите итн и да се види на која од овие теми може да се постигне компромис.
За прашањата како македонскиот јазик и идентитет не би требало да има никакви отстапки од македонска страна, односно овие теми треба да се држат одвоено и да се види што друго може да се реши. Важно е да се издвојат две, три теми на кои ќе се постигне успех и за преговорите да се создаде ефект на воз што се движи. Таков придвижен воз подоцна е тешко да се сопре или да се врати назад. Важно е да се придвижи, да се пронајдат можните компромиси, без допирање на темите македонски јазик и македонски идентитет. Во такви услови би било можно решението да се пронајде за шест месеци – вели Фрчкоски за „Слободен печат“.
Тој додава дека во овој момент нема потреба од посредништво, затоа што нема ниту вистински разговори, а во оваа фаза од корист би било да се слушнат експертски мислења од земјите што имаат искуство во решавање на историски прашања.
Повеќе >> Слободен Печат