Македонија е во ситуација на техничка влада, распуштен парламент. Битката е на друга страна – вонредна или кризна ситуација.
– Има една тема во политиката која се вика био политика. Тоа е врска на политиката со одредување на нашиот живот. До сега вонредните состојби беа третирани како анти демократски режим. Ако ја земеме како пример Кина и вонредното реагирање на државата може да биде хуманистички третирано и тоа е скандал за либералите – како може авторитарноста, односно тие брзи решенија да бидат во корист на нашите животи и да даваат подобри резултати, вели Фрчкоски.
Според него, тезата за општа кризна состојба на цела територија е апсурна и е со цел да е избегне терминот вонредна.
– Кризните состојби не се уставна категорија и се решавани со законот. Насочени се кон локални кризи и бараат голема интевенција на државата. Пример Дебар и Центар Жупа. Тоа ако се случи во Скопје системот ќе колабира. Затоа тезата општа кризна состојба на цела територија е апсурдна и наменета е да се избегне терминот вонредна состојба, од страв владата што би зела во свои раце. Тоа е глупаво решение и системот би колабирал, вели професорот.
Со вонредна состојба владата може да префрли пари од буџетот за помош на економските субјекти.
За среќа вонредната состојба е инструментот со кој може да направите две работи. Едната димензија е на владата да и даде можност да ја апсорбира улогата на Парламентот, да биде мобилна, да префрла пари од буџетот за помош на економските субјекти кои ќе почнат да трпат последици. Таму треба да се помага и владата ова сега не може да го направи, изјави Фрчкоски кој гостуваше во денешниот „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.
Според него, дефинитивната одлука да не се оди на избори мора да се реализира, а најверојатно тоа би било на есен.
„Тоа се прави единствен начин, а тоа е преку Собранието. Лажна е правната дилема дека не може распуштено Собрание да се свика. Пратениците се во мандат до изборот на други пратеници, а Собранието е во постојано заседание. Значи може да се одложат изборите и да се прогласи вонредна состојба. Не може да се каже за кога точно би биле одложени изборите. Големи се шансите да се оди на редовни избори на есен“, вели Фрчкоски.
Околу траењето на техничката влада и евентуалното враќање на политичка влада, Фрчкоски смета дека тоа не одговара на никому и не очекува ваков потег во иднина.