Македонскиот пат кон членство во ЕУ е неверојатно брдовит, но мора упорно да се работи на сите отворени прашања и „не смееме да дозволиме овој пораз на Европа и на европските вредности да се претвори во наш пораз“, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, во интервју за српскиот магазин „Нин“. За блокадата на Бугарија, Димитров посочува дека ако соседот ви го оспорува вашиот јазик, тоа не може да води кон зрел однос меѓу две европски држави, заснован на заемно почитување.
-Главниот проблем е што под закрила на добрососедските односи и европските интеграции, Бугарија отвори прашања кои по својата суштина се антиевропски. Ако сакате да имате добри соседи, мора и самите да бидете добар сосед, велеше Хари Труман, забележува Димитров.
Тоа, според него, никако не може да води кон зрел однос меѓу две европски држави, заснован на заемно почитување.
–Како нашиот македонски јазик може да претставува проблем за интеграцијата во ЕУ, во еден сојуз што слави и негува културна и јазична различност на европските народи како своја фундаментална вредност? Поради тоа, доведувањето во прашање на идентитетот на македонскиот народ, во исто време го загрозува и европскиот идентитет на Унијата. Дали воопшто би постоела ЕУ, ако предуслов за нејзиното создавање би бил сите земји членки да имаат целосно исти погледи на сите историски прашања? За голем дел од земјите-членки на ЕУ, ваквите спорови се целосно нерационални и неразбирливи, рече вицепремиерот Димитров за „Нин“.
Натаму подвлекува дека мора упорно да се работи на сите отворени прашања и оти не смееме да дозволиме овој пораз на Европа и на европските вредности да се претвори во наш пораз.
Повеќе >> Фокус