Расте интересот на иселениците за самопопишување преку електронска апликација. По стагнацијата изминатите денови, само за едно деноноќие се попишале над 23 илјади македонски државјани кои живеат или престојуваат во странство, со што вкупната бројка достигна 121.580 лица. Од Владата денеска повторно порачаа дека пописот е од витално значење за државата за понатаму да може да се прават стратегии за развој.
Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика вели дека зголемениот интерес на дијаспората за самопопишување се должи на нивна подобра информираност за важноста на статистичката операција. Најголем интерес за попишување има и понатаму во Швајцарија, Германија и Италија.
Пописот ќе биде безбеден
И во случај да продолжи да расте бројот на заболени од Ковид-19, пописот нема да се одложи, но ќе бидат преземени сите потребни протоколи од здравствен аспект, уверуваат надлежните. „Правиме се што е потребно за заштита на населението. Имаме прецизни протоколи, скроени за безбедно спроведување. Подготвени сме за секој детал, за секоја ситуација и сите постапки течат непречено. Протоколот го изработи Комисијата за заразни болести. Стандардите за заштита се највисоки и во целост ги штитат граѓаните и попишувачите. Пописот се спроведува и ќе се спроведе целосно безбедно, по сите стандарди без застој. Овие протоколи и досега давале целосна заштита во други процеси”, вели портпаролот на Владата, Душко Арсовски.
Во тек е првата фаза од пописот, со која беа опфатени притворениците и затворениците, бездомните лица, како и учесниците во странските мисии, вработени во амбасади и конзулати. Попишувањето на дијаспората е во тек, а пописот на резидентното население во С. Македонија ќе се спроведе од 1 до 21 април. Викендов заврши последниот дополнителен конкурс за попишувачи, на кој се пријавиле над 2.600 лица или околу 800 повеќе од она што е потребно.
Повеќе >> www.dw.com/mk