Актуелниот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, вели дека МВР има капацитет да се справи со новонастанатата ситуација на воведување на полициски час во Македонија, но не ја исклучува можноста за промени.
-МВР има зголемен обем на работни задачи. За таа цел Владата донесе уредба за ангажирање на АРМ, која има полициски овластувања и сме во тек на превземање на соодветни објекти и зелениот појас на границите, при што одреден број може да се ангажираат во руралните подрачја за спроведување на мерките за ограничување на движењето. Засега нема ангажирање на резервниот состав. На утринскиот состанок ни беше укажано дека полициските приправници имаат поминато поголем дел од обуката и дека може да им асистираат на колегите за полесни задачи. Се разгледува таа можност и правната основа за нивно ангажирање, рече Чулев.
Тој извести дека по првата ноќ со полициски час, генерално, во државава се почитувале мерките за ограничено движење на граѓаните.
„На координативен штаб утрово во Министерството за внатрешни работи донесовме одлука за заострување на мерките. Доколку одлуките бидат усвоени од Владата и се донесат, јавноста ќе биде информирана“, рече министерот Чулев.
Поради непочитување на забраната за движење во периодот од 21 часот до 06 часот утрово, министерот Чулев извести дека биле уапсени 18 лица.
„Две лица во Куманово освен што не ја почитувале забраната за движење во себе имале и оружје. За прекршителите на мерките поднесени се 9 кривични пријави по член 206 од Кривичниот законик. МВР презема активности за утврдување елементи за кривична пријава и за останатите сторители. Доколку се утврди сторената активност е прекршок, а не кривично дело, ќе бидат поднесени прекршочни пријави“, рече министерот Чулев и нагласи дека дел од уапсените агресивно се однесувале кон полициските службеници.
Полицијата контролира 618 лица со решенија за здравствен надзор и 7307 лица со решенија за самоизолација, извести министерот Чулев. Извршени биле 322 контроли за изолација и 3300 контроли за самоизолација. Полицијата утврдила дека 22 лица не ја почитувале мерката за изолација.
„Имаме лице кое имало решение за здравствен надзор, не ја почитувало одлуката и покрај поднесената кривична пријава, и е однесено во државен карантин“, рече министерот Чулев.