Владо Бучковски, специјалниот претставник на Македонија во решавање на спроот со Бугарија, во вчерашното гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77 рече дека во нашата земја барање за емитување има и од уште три приватни бугарски телевизии.
„ Макс ТВ на Телеком ќе ја реемитува BNT4 како дел од балканскиот пакет од 1 март. Во исто време еден од каналите на Македонската радиотелевизија, сателитскиот канал, ќе се реемитува преку бугарските оператори. Имаме уште три барања за влез на бугарски приватни телевизии, ТВ Европа, ТВ Блумберг и Велнес ТВ, но тие се проверуваат во моментов како би можеле да влезат во пакетот на Макс ТВ. Истото ќе се направи и со неколку приватни национални телевизии за реемитување во Бугарија. МРТ и БНТ се пред потпишување на договор за размена на дописници и размена на забавна и музичка програма. Ова треба да кулминира со создавање на заедничка продукција во блиска иднина“, рече поранешниот премиер.
Од вчера македонската државна новинска агенија има и свој дописник од Софија, а дополнително ќе биде познато името на дописникот на БТА од Скопје. Бучковски очекува ректорот на софискиот универзитет заедно со неколку декани во Скопје да го посети универзитетот Св. Кирил и Методиј за да се договара размена на професори и студенти, како и да се договорат заеднички активности за следното лето.
„Инсистираме на што повеќе соработка затоа што проценивме дека 2020 година беше загубено време за двете земји“, додава Бучковски, кој најавува дека големо внимание на полето на соработката ќе му се посвети и на ИТ секторот.
Извор: ММС