Новинарот Бранко Героски на својот Фејсбук профил објави статус со осврт на секојдневните навреди и напади што ги добива од својот поранешен колега Бранко Тричковски:
ТРИЧКОВАТА КЛОАКА МАКСИМА
Ме прашуваат луѓе зошто Бранко Тричкоски – оптоварен со заблудата за отфрлањето на “македонскоста и на македонизмот” како политички концепт и со опсесијата за смртта на ВМРО како политичка кауза – упорно го спомнува моето има и ме маркира како архепротивник на својата мисија.
Луѓето исто така зачудено ме прашуваат зошто Тричковски ме напаѓа со брутални навреди (забележително под неговото ионака непристојно ниско ниво на јавна комуникација). И зошто не пропушта ден без да ги изблуе отровите собрани во неговата клоака максима, спомнувајќи ме и мене лично.
На првото прашање можам да ви дадам прецизен и целосен одговор. Моето застапување за ревитализација на македонскоста и на македонизмот во новиот политички и историски контекст, моето залагање за намалување на конфликтноста во нашето општество и моето решително спротивставување на инфантилната идеја за убиство на една од водечките политички партии и за враќање на системот на “плурализам во рамките на Социјалистичкиот сојуз” (при што “фронтот” сега треба да биде СДСМ, идеолошки предводен од “убиствениот” дрвен филозоф), меѓу мене и Тричковски природно создава простор, можеби дури и потреба за полемика. За жал, неговата жестока вербална агресија оневозможува било каква дебата со овој позер, чија глава е налик на едно хигиенски запуштено але, во кое човек не може да влезе без да се избербати.
Знам точно од каде потекнува и пизмата на Тричковски кон мене лично. Го знаат тоа и неколку луѓе што добро нė познаваат двајцата. Имено, таа патолошка омраза е последица на лична причина на Тричкоски, за која не можам, не сакам и не смеам да зборувам. Не можам, бидејќи не е во мојата природа да зборувам за личните причини на луѓето. Не сакам, зашто не сакам да го повредувам и да го навредувам, не удирам под појас. Не смеам, зашто моето семејство, моите деца, би ја презреле мојата расправа на таа тема и жестоко би ме осудиле. Со право, се разбира.
Тричковски е свесен за тие ограничувања, што самиот си ги наметнувам. Тој знае дека никогаш на неговите навреди нема да возвратам со иста мерка. Знае дека е безбеден, дека нема така да го повредам. Како што тој повредува, кукавички и простачки. И затоа дивее, ја празни својата негативна енергија, обидувајќи се да ме навреди и да ме повреди. Претпоставувам дека тоа катадневно “остварување” е дел и од штапските инструкции што ги добива таму кај што е приклучен и сега пуштен на најјако.
Тоа е тоа, пријатели. Не постои друг начин да ја затнам таа грозна Тричкова клоака, без да го повредам лично, без да го удрам таму каде што знам дека го боли, таму каде што извира неговата пизма. А тоа нема да го сторам. Не ми преостанува ништо друго освен да го истрпам тој говор на омраза и да размислувам дали воопшто вреди да пријателувам на Фејсбук со луѓе што го поддржуваат и се радуваат на тоа бесчестие, на тој лошотилак. И секако, да се надевам дека Тричковата дневна доза омраза кон Геронимо, покрај другите средства за смирување на совеста што ги консумира, му помага барем малку да се успокои и да се дефрустрира.
Во едно сепак можете да бидете сигурни – отровните стрели Тричкови ја промашуваат својата цел, не успеваат да ме дефокусираат. Тој не може речиси никого да убеди дека омразата и опседнатоста со било чија посакувана смрт или несреќа се прифатливи општествени вредности. Овој човек дефинитивно им нанесува непроценливи штети на сите кои се понадеваа дека неговата вербална агресија и неговото отфрлање на македонскоста во сите нејзини димензии се нешто повеќе од обична лудачка идеја на еден исфрустриран позер.
Затоа, покрај тоа што е неизбежно, имено важно е Тричковски да продолжи да пцуе и да блуе отрови. Идеална опција е Тричковата клоака максима да експлодира непосредно пред следните избори. Иако големиот “бенг” (лајна на сите страни) се очекуваше после датумот…
https://www.facebook.com/branko.geroski/posts/2474185452703135