Колумна на Петар Богојески за Дојче Веле:
Пред три години заедно со група истомисленици Петар Богојески беше дел од Внатрепартиската иницијатива за реформи на ВМРО- ДПМНЕ. Таа иницијатива ниту почна, ниту заврши со реформи, бидејќи нејзините претставници многу брзо беа маргинализирани или разрешени. Три години подоцна, ВМРО-ДПМНЕ највува измени на партискиот статут, претставувајќи ги како „револуционерни, во насока на поголема демократија”. Со измените се овозможува и примена на начелото на непосредна демократија, односно, партијата е должна да им овозможи на сите кои се релевантна група на истомисленици да го искажат своето мислење, а врз основа на тоа да се донесе партиски став кој во иднина ќе се применува од сите членови.
ДВ: Доколку вакво начело функционираше порано, дали вие како иницијатори за реформи ќе можевте барем нешто да смените во партијата?
Богојески: Јавноста мора да знае дека не станува збор за никаква суштинска демократизација, туку за обид на господин Груевски и господин Мицкоски со наводни реформи да спречат расформирање на ВМРО-ДПМНЕ и да изведат наводна реформска агенда за продолжување на мандатот на претседателот на партијата. Ако веќе зборуваме за агендата на Внатрепартиската иницијатива за реформи на ВМРО ДПМНЕ, тоа беше многу сериозна понуда, која опфаќаше три фази: промена на акти, кадри и политики! До овој момент, освен глума за наводни ‘реформирања’ по стоти и неуспешен пат од екипата на Мицкоски, ништо суштински не е спроведено! Во новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ не се имплементирани ниту 50% од предлозите на Внатрепартиската иницијатива за реформи на ВМРО ДПМНЕ, а изборот на лидерот и раководните органи е повторно строго контролиран процес по волјата на самиот лидер. Дури и локалните тела на партијата повторно ги аминува лидерот. Нема ништо суштински различно од она што беше претходна пракса. Воведувањето на дополнителни органи на партијата не е демократизација самото по себе! Штом истите се назначуваат од лидерот, може да се именуваат колку сакате органи и тела.
Доколку се направеше суштинска демократизација на партијата пред две или три години, и доколку реизборот на партиските органи се одвиваше по одредбите на новиот статут, ќе се овозможеше процес на внатрепартиска консолидација и обединување на сите активисти, со што успехот на сите избори кои поминаа ќе беше загарантиран. Сега ситуацијата е ‘по свадба-тапани’! Откако се изгубени сите битки и откако започна процесот на расформирање, доцна е за ваков процес на ‘реформирање’! Сега е време за друго. Сега е време за трансформација на ВМРО-ДПМНЕ во Унија на различни блокови, во која ќе постои демократски натпревар, а блокот кој моментално би ја раководел партијата, да има недвосмислена поддршка за време на избори, од сите останати. Во спротивно овој процес на расформирање нема да биде запрен и ќе резултира со целосен распад на партијата. Често напоменував дека господин Мицкоски е лидер на советскиот блок, кој поддржан од полициското – бизнис лоби, ја управува партијата. Но каде е тука каузалното крило, каде е европското крило? За да се победи на следните избори, ќе мора да се изврши длабока реорганизација и опозициско прераспределување на политичката сцена, во спротивно повторно ќе победи владејачката коалиција.
Повеќе >> www.dw.com/mk