Уставниот суд ги поништи решенијата на Кривичниот и на Апелациониот суд со кои парично беа казнети адвокатите Павлина Зефиќ и Панче Тошковски во предметот за настаните во Собранието од 27 април, објави академик.мк
Уставниот суд: Повредено е уставното право на слобода на мислата
На адвокатите им е повредено уставното право на слобода на мислата и на јавното изразување на мислата“, велат од Уставниот суд, од каде што потенцираат дека слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право кое е нераскинливо поврзано со човековата личност.
Зефиќ и Тошковски, кои поднесоа претставка до Уставниот суд против решенијата на Кривичниот и на Апелациониот суд, беа едни од повеќето адвокати кои ги застапуваа обвинетите за настаните од 27 април и кои беа парично казнети и отстранети од судењето.
Адвокатите беа казнети откако се пожалија на условите во кои се одвиваше распитот на загрозениот сведок во старата зграда на Кривичниот суд, каде што беше префрлен распитот поради технички пречки во новиот објект на судот.
Ја поздравуваме одлуката на Уставниот суд, која е прва од овој вид, а со која се потврдува дека адвокатите имаат централна улога во правосудниот систем. Ние сме посредници меѓу клиентите и судот, а наша главна задача е да дадеме ефективна одбрана. Нашето главно оружје е зборот. Токму поради тоа не смее да бидеме казнувани за упатена критика или за искажан збор при одбрана на правата на нашите клиенти зашто тоа не е одлика на едно демократско општество“, вели адвокатката Павлина Зефиќ.
Нам како адвокати оваа одлука ќе ни даде мотивација и понатаму да продолжиме да се бориме за подобри услови за работење и за поголеми права“, потенцира адвокатот Панче Тошковски.
Јасна е улогата која ја имаат адвокатите во едно демократско општество
Во конкретниов случај, од страна на сите адвокати бил искажан револт со стоење во судницата поради немање соодветни услови за работа, во еден од највисоко профилираните кривични случаи. Имено, јасна е улогата која ја имаат адвокатите во едно демократско општество. Нивната улога е да бараат од судот, како гарант на правата и слободите, да ги спроведува законските одредби, да се грижи за владеењето на правото и да ја стекне довербата кај јавноста. Критицизам од страна на адвокатите е дозволен, но во соодветни рамки“, се посочува во одлуката на Уставниот суд.
Европскиот суд за човекови права ја нагласува улогата на адвокатите
Природата на искажаните критики/забелешки/ставови, исто така, е важна за ЕСЧП кога одлучува за повреда на слободата на изразување. ЕСЧП цени дали во конкретен случај станува збор за вредносни ставови искажани од адвокат, или пак за пренесување факти.
Спецификите на случајот во кој постапувал адвокатот и искажал критика се битна алатка за ЕСЧП. Тој смета дека треба да се гледа целиот контекст на случајот, а не само сегменти. Улогата на адвокатот, особено во правосудниот систем, е постојано нагласувана од ЕСЧП, кој вели дека обврска на адвокатот е да се бори со сите расположливи средства при одбраната на интересите на својот клиент и во негов најдобар интерес“, се вели понатаму во одлуката на Судот, упатувајќи на иницијативата поднесена од адвокатите.
Во иницијативата се наведува дека доколку се применат горенаведените стандарди во конкретниов случај, во кој се казнети 25 адвокати, ќе се забележи дека постои не само повреда на Уставот, туку и повреда на членот 10 од Конвенцијата за човекови права – повреда на слободата на изразување. Во овој случај, адвокатите не упатиле навреда кон судот, туку испратиле конструктивна критика со цел да добијат соодветни услови за работа за сите бранители. Бидејќи барањата на адвокатите не биле воопшто разгледани, во знак на револт и критика кон судот за третманот кон адвокатите застанале на нозе, на тој начин сакајќи да упатат порака до судот дека е должен да обезбеди услови за работа за сите, особено при сослушување на заштитен сведок.
Мерката на казнување на адвокатите од страна на судовите е непропорционална
На прашањето дали ‘ограничувањето’ на слободата на изразување со изрекување на казните било неопходно во едно демократско општество, одговорот е ‘не’, со оглед на тоа што мерката на казнување на адвокатите од страна на судовите е непропорционална и претставува прекумерно ограничување на слободата на изразување, спротивно на Уставот во однос на членот 110 алинеја 3 во делот на заштитата на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, a гарантирани со членот 16 став 1 од Уставот, со што се повредува и членот 10 од Конвенцијата“, истакнуваат од Уставниот суд.
Во конкретниов случај, посочуваат од Уставниот суд, имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба, содржината на оспорените решенија на судовите, наводите во барањето на апликантите, одредбите од наведените закони, практиката на Европскиот суд за човекови права и актите од меѓународното право, се оцени дека постои повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, која била сторена со оспорените решенија кои се однесуваат на адвокатката Павлина Зефиќ и адвокатот Панче Тошковски.
Не може да се смета казнувањето како неопходно за едно демократско општество
Во светло на целината на фактите, додаваат од Судот, произлегува дека со критиките изразени од адвокатите со стоење во судницата и укажување дека немаат услови за работа не биле надминати границите на прифатливи критики согласно член 10 од Конвенцијата и не може да се смета казнувањето како неопходно за едно демократско општество, а со тоа ниту првично. Изрекувањето парични казни од по 1.000 евра, што е близу до максималната казна што може да се изрече согласно законот, а подоцна намалени на по 500 евра, не може да се смета за неопходно во едно демократско општество.