Американскиот Сенат вечерва го ратификуваше пристапниот Протокол за влез на Северна Македонија во НАТО. „За“ гласаше огромно мнозинство од 91 сенатор. Против гласаа само двајца сенатори, републиканците Ренди Пол и Мајк Ли.
Образложувајќи го предлогот, шефот на комисијата за надворешни работи на Сенатот, Џим Риш посочи дека позитивниот глас значи поддршка за реформите што ги направи земјава.
Тој ја пофали, како што рече, храбрата одлуката на Владата на Заев да го затвори проблемот со Грција кој го попречуваше напредувањето на С.Македонија кон Северноатланската Алијанса.
Во своето обраќање, Риш нагласи дека земјата е подготвена да биде партнер на САД во НАТО и дека гласањето „ЗА“ претпоставува и можност за затворање на сериозното влијание кое Русија го има врз регионот и врз структури во С.Македонија.
САД се 25-тата членка на НАТО што го ратификува Протоколот за пристапување на земјава во Северноатлантската алијанса.
Очекувањата се дека Протоколот наскоро ќе биде ратификуван од сите 29 држави членки и со тоа приемот на земјава ќе може да се официјализира пред Самитот на Алијансата закажан за 3 и 4 декември во Лондон.
Засега неизвесно е дали тоа пред Самитот ќе се случи во шпанскиот Парламент. Двата дома на Парламентот се распуштени. Изборите се закажани за 10 ноември, а доколку се помине како што треба новиот состав на Парламентот би се конституирал на 3 декември.
Земјите-членки на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји сојузници во Алијансата, Северна Македонија и официјално ќе стане полноправна членка.