Претседателите на партиите коишто се дел од владината коалиција денеска пред средбата во Владата изјавија дека очекуваат премиерот Димитар Ковачевски да ги информира за франскиот предлог со којшто би се тргнало ветото за влез на земјата во ЕУ.
Претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов вели дека прво и најбитно е тоа што предлогот ниту првиот, ниту вториот тие како коалициски партнери не го добиле и оти не можат за првиот да изградат став врз основа на она што го објавија медиумите во Бугарија и овде кај нас.
-Ќе барам прво што е најважно да го обезбедиме предлогот, да имаме временски простор да го разгледаме, да направиме сериозна анализа, да консултираме експерти и после тоа да го изградиме нашиот став. За секој случај ќе инсистираме и првиот и вториот предлог да ни бидат доставени и ќе бараме од Владата, од МНР во писмена форма во што е суштината на новиот променет предлог, изјави Трајанов.
Според информациите што доаѓаат од Бугарија, посочи Трајанов, „тие тврдат дека нема никакви суштински промени“.
-Но, треба да го видиме. Натаму ќе инсистирам широка расправа да има. Меѓу другото, еве медиумите да ја отворите вие оваа расправа, невладиниот сектор, експертите, политичките партии да се расправа во Парламентот и Парламентот ако изгради став единствен да оди на проверка на граѓаните. Значи, ќе инсистираме да граѓаните се изјаснат. Вака пошироко гледано има политички и граѓански консензус за евроинтеграциите што не е спорно, тоа е стратешки национален интерес на сите во државата што е можно побрзо да станеме членка на ЕУ, но се разбира без да се загрози нашиот национален идентитет, рече претседателот на ДС.
Инсистираме, потенцира тој, да има јасна одредба во преговарачката рамка дека македонскиот јазик е еден од јазиците што ќе се користи во рамките на ЕУ. Околу уставните промени, Трајанов рече дека ќе бараат тоа да биде на реципрочна основа и оти инсистираат и Македонците да бидат признаени односно нивните права согласно одлуките од Стразбур.