Истакнатиот албански интелектуалец Џелал Зејнели упатува отворени закана и за стабилноста на Македонија преку колумната со наслов: „Ако се обезвредни Рамковниот, Албанците треба да створат паралелен систем“.
Откако целосно е спроведен Охридскиот Рамковен договор и Тиранската платформа а тоа го признаа и албанските политички партии сега Зејнели најавува нова разврска при тоа наведувајќи ги Македонците и употребувајќи закани.
„Игнорирањето на Охридскиот договор од македонскиот чинител предизвикува во Македонија меѓуетнички тензии, што создава неизбежна политичка криза. Македонската опозиција го игнорира Охридскиот договор, или го толкува еднострано. Во Македонија не се почитува Уставот и законите, што произлегуваат од тој договор.“ – тврди Зејнели, албанолог – доктор на науки и политички аналитичар од Тетово, во својата колумна под наслов „Игнорирањето на Охридскиот договор, или неговото еднострано толкување – генератор на криза“, која ја објавува косовскиот весник „Бота сот“.
Зејнели пишува: „Едностраното толкување на Охридскиот договор им го одзема на Албанците субјективитетот на локално и централно рамниште. Автентичното толкување на Охридскиот договор подразбира заштита на неговата политичка димензија и политички права. Едно повисоко рамниште на политичките права подразбира суверенитет врз територијата, придружен со албанскиот јазик и националното знаме. Војната во 2001 година, УЧК и Охридскиот договор им предизвикуваат душевна и психолошка вознемиреност на македонските националисти, бидејќи со тоа дефинитивно се урна нивниот сон за моноетничка и централизирана Македонија. Држава со двонационални и децентрализирани компоненти го отвора патот за крах на нејзиниот унитарен карактер, како чекор кон натамошните процеси.“
„Во случај да се обезвредни Охридскиот договор, ако македонската опозиција не крене раце од политичката деструкција, тогаш од тоа ќе произлезе дека таа самосвесно ги урива темелите на државата“ – вели Зејнели и дополнува: „Во такви услови на албанскиот политички чинител не му преостанува друго освен да се реорганизира и да се репозиционира во својот политички простор, но и да го оспори вештачкото создавање на авнојска Македонија. Заради тоа, албанските партии треба да прекинат со нивното дејствување во институциите на системот, да стават мораториум на своето партиско дејствување, да се обединат околу еден заеднички политички фронт, да изготват национален проект за вистинското решавање на албанското прашање во Македонија, да го прогласат како безвреден уставот на оваа држава и да и предложат на македонската страна конкретен рок за почнување разговори заради постигнување историска меѓуетничка спогодба.“
Колумнистот истакнува: „Ако македонската страна не се согласи да разговара, тогаш Албанците во својот политички простор треба да создадат паралелен систем. Доволна е граѓанска непослушност на Албанците, пасивна или активна, за да се разниша кревката Македонија и македонските националисти да почнат да размислуваат на рационален начин.“
Нарекувајќи ги Македонците „етничка група без идентитет“, овој политички аналитичар тврди: „Која било влада во Скопје без Албанците во неа не би имала легитимитет – ниту внатрешен, ниту надворешен. Без Албанците во владата Македонија доживува смртоносен инфаркт. Ниту една етничка заедница во Европа не е угнетена како Албанците во Македонија, кои сочинуваат 30 проценти од нејзиното население, наспроти една етничка група без идентитет. Сегашната влада е нестабилна. Во една нова влада Албанците треба да влезат само со простудирана платформа, со политички цели и национален идеал.“
„Албанците во Македонија од време на време треба да го мерат рамништето на својата национална самосвест. Еден народ со ниска национална самосвест не е политички народ и тој не може да победи во политичката војна. Патриотизмот на еден народ со ниска национална самосвест е фолклорен патриотизам. Ниедна политичка војна во историјата не е добиена со фолклоризам. За политички права се потребни политички капацитет и акција, а не провинцијални констатации и селски менталитет. Жан Пол Сартр вели: ‘Човек си е сам виновник за својата несреќа’. Додека Јохан Волфганг Гете вели: ‘Имате онолку слобода колку што заслужувате, значи, победата му припаѓа на тој што оди во војна за неа секој ден.“ – заклучува Џелал Зејнели во својата колумна, објавена во „Бота сот“.
Извор: Експрес