Вице Заев, братот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, во допис до медиумите вели дека денешните објавени разговори се лаги од трети лица кои нема да ги попречат да даваат плати и да плаќаат даноци.
„Објавените рекла-казала лаги од трети лица нема да ги попречат Заеви да даваат плати и да плаќаат даноци. Целосно ги отфрлам како лаги и манипулации објавените рекла-казала муабети во кои трети лица го спомнуваат моето име. Тоа се очајни лаги произлезени од фејкњуз подрумите на опозицијата. Заеви се чесни и вредни Македонци. Режимските инсталации нема да не спречат да продолжиме да даваме плати, да плаќаме даноци и да ги помагаме македонските граѓани“,
посочува Вице Заев.
Разговорот од речиси 5 минути денеска се објави на канал на Јутјуб со име „Вице мафијашот“. Објавувачот на снимката наведува дека разговорот го водат Стојче Чифлигароски, кој е претставен како „сопственик на СВ Инвест, фирма параван на семејството Заеви за тендерите во РЕК Битола“ и Горан Димовски Тушникот од Битола.
Со реакција излезе и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека се фрапирани од содржината на снимката.
„Фрапирани сме од содржината на снимката која ја емитуваа медиумите, а од која се слушаат сведоштва како братот и зетот на премиерот нарачуваат палење на автомобили, а неговиот братучед диктира кои бизнисмени можат да работат, а кои не. Од снимките кои ги објавија медиумите се гледа бандитскиот однос на семејството Заеви кон државата во целост“,
реагираа од ВМРО-ДПМНЕ и бараа да реагира и јавното обвинителство.