Лажна вест е дека ќе продолжи школската година на 18-ти мај, напиша на својот Фејсбук профил, министерот за образование, Арбер Адеми.
Откако на социјалните мрежи почна да се споделува наводно донесена уредба од Министерството за образование и наука со која е донесена одлука за продолжување на учебната година и дека учениците ќе се вратат во клупите од 18 мај, министерот Адеми го сподели лажниот документ, прецртан со црвена боја и напиша дека е „лажна вест“.
Министерството за образование исто така ја демантираше информацијата, која денеска е објавена во некои медиуми за наводно усвоена Уредба од страна на Владата со која основните и средните училишта продолжуваат со работа од 18 мај 2020 година.
Оттаму информираат дека се работи за лажна информација и документ кој воопшто не е подготвен од страна на МОН и усвоен од Владата.
„Оваа тема не била предмет на дискусија на владините седници во изминатите денови. За сите одлуки кои институциите на системот координирано ги носат за време на вонредната состојба, јавноста е секогаш навремено информирана од страна на службите задолжени за односи со јавност“, соопштуваат од МОН од каде апелираат да не се креираат и шират лажни вести зошто тоа не оди во прилог на заедничката заложба за справување со актуелната состојба.
Според лажната уредба која што се споделува на социјалните мрежи, учениците треба да се вратат на училиште откако ќе се обезбедат сите услови за настава, во три смени, а часовите би се скратиле од 45 на 30 минути.