Премиерот Зоран Заев по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кажа дека разговарале за две теми, првата тема за кандидати за техничката влада на предлог на најголемата опозициска партија, а втората тема е за предложените измени на Изборниот законик во делот на изборниот модел.
Имињата за останатите министерства, вели премиерот, ќе бидат соопштени во понеделник, во координација со Мицкоски.
– Со оглед на тоа дека Мицкоски не го кажа името за предлогот за министер за внатрешни, јас само ќе кажам дека станува збор за воено лице и оттука има дилема дали Уставот тоа го дозволува, законот за служба во Армијата и законот за министерство за внатрешни работи. Ќе ја консултираме владината стручна експертиза. Уставот јасно определува дека со Одбраната и со Полицијата раководи цивилно лице најмалку три години, рече Заев и додаде дека немаат никакви предрасуди, но уставот и законите треба да важат за државата.
Тој кажа дека во вториот дел на средбата зборувале за промените на изборниот модел.
– За една изборна единица зборувавме во вториот дел. Отворените лисити да важат на наредните локални избори. Од опозицијата рекоа дека се подготвени да разговараат веднаш по изборите за ова прашање, рече Заев.
Премиерот рече дека се надева дека ќе најдат решение за министерот за внатрешни.