Џабир Дерала, во својата нова колумна за Фронтлајн, пишува за телефонскиот разговор со кој рускиот претседател Владимир Путин му честитал на Александар Вучиќ на неговиот реизбор за претседател на Србија. Според Дерала, Путин е во меѓународна изолација, и му останува да разговара само уште со лидери како Вучиќ, или со негови поддржувачи од Македонија.
Во разговорот со злосторникот Путин, Вучиќ изразил надеж дека војната заврши што е можно поскоро. Може лесно да се претпостави како двајцата пријатели може да посакуваат да заврши таа војна. Наводно, Вучиќ му кажал на својот соговорник дека ќе продолжи со политиките на европскиот пат, но дека Србија ќе ги зачува „искрените и традиционалните пријателски односи со Русија“. Како точно течел овој дел од разговорот веројатно ќе дознаеме веќе во следната епизода на „истечени документи“. Но и вака опишан, извештаите за телефонскиот разговор меѓу двете другарчиња тераат на повраќање. Многу интересно. Злосторникот од Кремљ нема со кого да разговара, а очигледно имал потреба да слушне пријателски глас. Среде војна, кога планот за агресија и освојување на Украина му се распаѓа, за што крваво се одмаздува на невооружените цивили, тој „чаврља“ по телефон. Во настап на мрачна осаменост, злосторникот се сетил и нашол време да му се јави на еден од малкуте пријатели кои му останаа во светот. Веројатно, во своите осаменички мигови во деновите и ноќите пред него, ќе се сети дека има и неколку обожаватели во Северна Македонија, без оглед на тоа колку се безначајни. Кај да е, ќе им се јави и ним, пишува Дерала во својата нова колумна.
https://frontline.mk/2022/04/06/na-zlostornikot-nema-ko-da-mu-se-avi/