Поранешната лидерка на СДСМ Радмила Шекеринска ја обвини Русија дека влијаела преку Бугарија да го блокира македонскиот пат кон Европската Унија. Во емисијата Вин-Вин со новинарката Оливера Трајковска, Шекеринска рече дека Русија се обидела да го спречи македонскиот прием во НАТО, а по тој пораз, своите активности ги насочила кон блокирање на влезот во ЕУ.
Јас упорно тврдам дека проблемот кој што се создаде беше силно инспириран и помогнат од некои надворешни структури. Затоа што во моментот кога станавме членка на НАТО, руската позиција не беше „изгубивме“ бидејќи се противеа на нашето членство на НАТО. Не, тие брзо се прегрупираа и ја сменија целта. Затоа е некогаш тешко да анализирате кога Русија добива а кога губи. Имаат контролирана јавност, во еден момент велат аха, не признаваме пораз, ќе ја смениме целта. Целта беше да се спречи напредувањето на европски план. Јас сум убедена дека ги искористија своите влијанија во Бугарија за таа цел. Тие влијанија прекуј ноќ нема да исчезнат. Но мислам дека нова свесност ќе има и во одредени кругови во Бугарија, и во Европската Унија, обвини Шекеринска.
За можноста Бугарија наскоро да го крене ветото против Македонија, Шекеринска вели дека е оптимист, но дека има и лошо искуство. „Се уште тоа не го гледам во Бугарија“. Таа оцени дека бугарскиот премиер Петков е во делот од бугарската јавност која сака да го крене ветото и дека и самиот се бори со приврзаници на автократски режими дома.
Шекеринска се огласи и за можноста Украина да почне преговори за членство со Европската Унија. Според Шекеринска, Украина не може да очекува итен прием во Унијата.
Не треба да имаме двојни аршини. Ако сме фер, ќе кажеме дека и ние низ ова сме поминале. Спогодбата за стабилизација и асоцијација ја потпишавме сред конфликт. Ги знам и различните понуди кои поранешни југословенски лидери ги добивале од Европската Унија кога целиот тој процес бил полесен. Европската Унија највеќе од проширувањата ги прави поради стратешки причини, а не поради технички, бирократски процеси. Во меѓувреме апетитот за проширување се намали, а процесот стана покомплициран. Мислам дека пораката е одлична, неопходна, а исто така сум не воздржана туку реална – таа понуда не е членство на маса. Тоа е едноставно невозможно. Ќе треба сосема нова платформа за проширување за тоа да биде возможност. Се сеќавам кога една многу влијателна германска невладина организација, Европската иницијатива за стабилност, дури тоа го бараше за Западен Балкан, во еден момент сите земји да станат кандидати, рече Шекеринска.