Граѓанската иницијатива за измена на законот за заштита на населението од заразни болести ќе ја разгледуваат пратениците по изборниот процес. Денеска беше закажана седница на собраниската комисија за политички систем, но истата беше одложена на 6 мај поради немање кворум.
Иницијативата е поднесена од 130 граѓани. Тие бараат во законот да биде заменето задолжителното вакцинирање со терминот „се препорачува“ истакнувајќи дека не биле антиваксери туку само барале родителот да има право на избор.
На ваквите тврдења министерот за здравство Венко Филипче изјави дека правото на детето да биде здраво е посилно од волјата на родителот и неговата желба за избор. Тој додава дека со задолжителното вакцинирање не се крати никакво право, затоа што најважно е здравјето на детето и колективното здравје.
Нема да дозволиме ниту едно дете да биде запишано ниту во училиште, ниту во градинка невакцинирано, заради тоа што не може волјата на родителот да биде посилна од правото на детето да биде здраво, а при тоа не може со една индивидуална постапка да се загрозува и колективното здравје кое е над се, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
„На овој начин не се крати никакво право, заради тоа што најбитно е здравјето на детето и колективното здравје“ рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање за граѓанската иницијатива за измени на Законот за заштита на населението од заразни болести која ја поднесоа 129 родители.
Граѓанска организација на родители достави иницијатива до Собранието за измени на Законот за заштита на населението од заразни болести со која се бара вакцинирањето на децата да не биде задолжително, туку родителот да има право на избор дали детето ќе се вакцинира и кога.
За иницијативата денеска требаше да се расправа на Комисијата за политички систем, но седницата беше одложена поради немање кворум и дебатата ќе започне по претседателските избори.
„Ние не сме антиваксери, но бараме родителите да имаат право да изберат дали ќе го вакцинираат детето или не “ рече Елена Павлеска, предлагач на иницијативата, на која се потпишани 130 родители.