Проблемот со неплаќање сметки за електрична енергија (или кражбите, сеедно) во Арачиново, колку и да изгледа политички, пред сé е проблем на нефункционирање на институциите на правната држава. Можеби најточната формулација гласи: политички предизвикано нефункционирање на правната држава, коментира професорот Дејан Трајковски на фејсбук.
Во продолжение на коментарот вели:
Дали краделе електрична енергија пред броилата? Се закачувале со чингели за уличните спроводници? Им биле поставени броила на улица, а сепак не плаќале? Дали и зошто извршителите не можеле да ги наплатат долговите? Дали некој им се заканувал? Дали должниците немале имот што можел да се заплени и продаде? Дали судот не работел како што треба? Дали политиката замешала прсти во судот? Дали и зошто судиите се плашеле да судат според законите?
За сите овие проблеми постојат полициски и правни решенија.
После неплатени три сметки, дури и да не бидат неплаќачите исклучени од мрежа, задолжително треба да бидат предадени на извршител или на суд. Сиромашните да ги оставиме на страна, за нив државата треба да има посебни социјални програми.
До денес ниту еднаш не слушнавме објаснување од ЕВН зошто не успеваат да ги наплатат сметките и зошто остатокот од државата треба да им ги покрива загубите од кражби на електрична енергија.
Сé што треба да се направи е ДА ПРОФУНКЦИОНИРА ПРАВНАТА ДРЖАВА, БЕЗ НИКАКВО СПОМНУВАЊЕ НА АЛБАНЦИ И НА „ДУИ“. Со такво етикетирање врз национална основа проблемот со неплаќање не се решава, а се разгорува меѓунационална нетрпеливост, што е уште посериозен проблем.
Нееднаквоста раѓа омраза. Само ако луѓето видат дека законите се применуваат неселективно на сите граѓани, дури тогаш ќе исчезне националната и социјална нетрпеливост. Зошто тогаш Македонците би ги мразеле Албанците и обратно, зошто Албанците би ги мразеле Македонците? Така со еден удар ќе убиеме две муви – ем сметките ќе се плаќаат, ем нема да има омраза. Вака испаѓа дека некому му одговара токму да има беззаконие и омраза, иако така сите заедно губиме.