Во Авганистан повторно ќе биде критично, талибанците се на терен и ќе регрутираат радикални структури и од Европа и од Балканот. Тие се потенцијална опасност за безбедноста.
Прифатот на борците-наши сограѓани од воените жаришта и нивната ресоцијализација треба да бидат организирани и да се дејствува превентивно. Најважно е да се спречи нивно групирање, во затворите и надвор од нив, бидејќи тие поединечно не може да направат ништо. Ова за „Слободен печат“ го изјави Павле Трајанов, поранешниот министер за внатрешни работи, актуелен пратеник.
Тој смета дека кога се враќат „борците“ од Блискиот Исток, државата треба да инсистира со нивниот прием да им се достави и досие за нивните активности.
Пред два дена, 23 наши сограѓани, репатријанти во војните во Сирија и Ирак, беа репатрирани. Четворица мажи се обвинети за учество во војни во странство и се испратени во истражниот затвор Шутка во Скопје. Тие ќе останат во самица 10 дена, а уште пет жени и 14 деца што се донесени заедно со нив од боиштата. Тие ќе останат 14 дена во задолжителен карантин поради пандемијата.
– За борците на Исламска држава – членови на терористичкии организации, нашите служби треба да инсистират да имаат и документи кога се враќат. Ако се сторители на кривични дела и слично, да сносат одговорност според нашите закони. Другиот процес е ресоцијализација и рехабилатација. Треба да се води сметка и во затворите каков третман ќе имаат, а ако нема елементи на одговорност, да се интергрират во општеството. За таа цел треба да се вклучат системот на образование, политичките партии, влијателни луѓе, верски заедници… – изјави Трајанов за „Слободен печат“.