Една од двете неодамна објавени снимки од разговори меѓу Никола Груевски и Јордан Камчев потсети на подзаборавен дел од скандалот Рекет. Пред да дојде до случајот Рекет, во кој специјалната обвинителка Катица Јанева му барала пари на Камчев за да го поткопа случајот Империја против него, Камчев наводно се соочил со друг обид за рекет – од адвокатот Васе Димишков.
Неговата сестра Весна Димишкова е судијка во процесот во кој Камчев е обвинет од СЈО за перење пари. Тој сведочеше дека братот на судијката се поврзал со неговата сопруга Ана Камчева преку Зоран Милески – Зоки Кичеец. За време на овие средби, Камчеви понудиле да го ангажираат Димишков како бранител во случајот, иако сестра му е судијка. Адвокатот Димишков наводно побарал неверојатна сума – меѓу 2 и 8 милиони евра – и и посочил на Ана Камчева дека со тие пари судијката Димишкова планира да се пензионира. Камчева обвини дека се работело за директен обид за изнудување пари, со ветување дека судијката потоа ќе пресуди во полза на нејзиниот сопруг. На втора средба, Васе Димишков на Ана Камчева и рекол дека сумата што ја бараат тој и сестра му изнесува 6 милиони евра.
Во снимката меѓу Груевски и Камчев, тие двајцата зборуваат за катастрофалната состојба во судството во Македонија, при што Камчев потсетува на овој случај.
Како може мене цело време Лиле Стефанова да ми е обвинител? На сите предмети? Ама што ако ти ги објавиш, јас ги објавам? Не е за објавување. Ме сфаќаш што правиме? Треба да влезе обвинителство, со телефони у Телеком и да ги изземе. Оној Васе Димишков, сниман дека и бара на Ана шест милиона, па таа не отвори истрага. Кај има таква работа? А сестра му уште е на предметот. Мафија бе шефе.
Тоа е.
Адвокатот Димишков се бранеше на неколку начини – тој велеше дека им побаал превисока сума пари затоа што му било незгодно да го застапува Камчев во случај каде сестра му е судијка, и затоа барал неверојатна сума очекувајќи дека ќе го одбијат. Потоа, тој рече дека планирал, доколку Камчев ги прифати неговите услуги, сестра му да се повлече од случајот.
Јас сметав и сметам дека тие сакаа да ме искористат, да ме ангажираат како бранител, бидејќи доколку ме ангажираат, во тој случај судијата на претходна постапка, мојата сестра, која постапуваше, по сила на закон ќе биде изземена од предметот. Анализирајќи ги разговорите со Камчева и Милевски, проценив дека не би требало да прифатам да бидам бранител во предметот. Кога се јави Милевски му кажав сума која за нив нема да биде прифатлива. Откако му ја кажав сумата, ниту некој ми се јави, ниту ме побара, рече Димишков