Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски објави видео во кое се гледа како врши обиколка низ општината и бара работници на Комунална хигиена. Според Јакимовски, работниците или ги нема, или не работат ништо, иако Карпош плаќа рекордни износи за одржување на улиците.
Лично направив кратка обиколка на главните улици во Карпош и го снимив ова видео за да се уверат граѓаните на Карпош како се потценети од страна на ЈП Комунална хигиена- Скопје иако имаат најголем процент на наплата токму од нашите 24 илјади домаќинства кои живеат на територија на Карпош, напиша Јакимовски.
Јакимовски вели дека градското претпријатие има само тројца работници во Карпош, а четворица инспектори кои внимаваат чистачите ангажирани од Карпош да не фрлаат смет во градските контејнери.
Наместо раководството на ЈП Комунална хигиена Скопје да си преземе мерки кон нивните вработени и да проверат дали и колку работат тие вчера ни пратија четири нивни комунални инспектори со цел да ги оневозможуваат нашите вработени кои ја одржуваат хигиената. Иако ние им помагаме нив, побараа сметот и хартијата што ја собираме да не ја фрламе во нивните контејнери, вели градоначалникот.