Александар Генчов, еден од основачите на НАТО движењето во Македонија и поранешен советник за НАТО во Министерството за одбрана смета дека Македонците мораат да се сепнат и да кренат глас доколку не сакаат да ја загубат својата држава. Во интервју за Канал 5, Генчов посочи дека состојбата со заштита на македонските национални интереси е толку лоша што на Македонците наскоро ќе им биде потребен Рамковен договор да се заштитат.
Ние како општество, како ентитет, како нација, ништо не ни смета. Не ни смета ниту ДУИ кога ги спомнува УЧК, ниту Кале, ниту Бутел, ниту провокативни видеа, ништо. Треба антрополог, психијатар да видиме зошто македонската нација е толку длабоко поделена, падната во вакви круцијални моменти. Ние сме на раб да разговараме за Рамковен договор за Македонците. Имаме ситуација каде што никој тоа не го кажува јавно, и не знам дали треба, имаме друга стратешка цел да станеме модерна, развиена, европска држава, со сиот релативитет што значи тоа европска. Но повеќето луѓе кога ќе ги прашате, ние веќе не можеме рамковниот договор да го гледаме само во една насока. 70 посто од Македонците ќе ви речат дека е време за Рамковен договор за Македонците, изјави Генчов, на што Никовски на шега додаде „ама за тоа треба да почнеме војна прво“.