Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски инсистираше дека Министерството работело професионално и бргу го расчистило убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт минатата недела пред клубот Привилиџ во Скопје. МВР првично информираше дека на телото немало траги на насилство, што предизвика сомнежи за обид убиството да се прикрие.
Целиот случај ја потсети јавноста на убиството на младиот Мартин Нешковски во 2011 година, кое опозицијата го искористи во протестите на Шарената Револуција. И тогаш, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска укажуваше дека убиството било расчистено бргу, откако била надмината збрката која настана поради бавното идентификување на телото.
Кај нас во МВР пријавата е во 4:11 минути. Од клинички центар пријавуваат до МВР дека е донесен пациент во бессознание, без срцева акција и без видливи траги на насилство. Факт е дека во ниту еден момент не е застанато со истрагата. И покрај тоа што е укажано од лекарите во клинички центар дека нема траги на насилство, колегите од СВР Скопје започнуваат истражни дејствија со обезбедување податоци и се она што може да се прибере како доказен материјал. И врз основа на оперативните податоци кои ги има МВР, ние практично го откриваме целиот овој случај и во рок од 24 часа практично се расчистува убиството, изјави Спасовски. Тој додаде дека брзата помош со задоцнување дала информација каде бил најде Тот, и барале по писмен пат да ја пратат информацијата.
Двајца од напаѓачите на Тот се во притвор, но третиот по се изгледа успеал да побегне од државата.