По соопштението на Српската православна црква, дека ја прима МПЦ во единство и веќе не ја смета за расколничка, но и нуди само автономија, а не и независност, добивме громогласна тишина од редовите на Македонската православна црква.
Ниту еден од владиците не излезе во јавност да прокоментира за исходот на многу очекуваниот синод на СПЦ. Ова е прва средба на српскиот синот по потегот на Вселенскиот Патријарх, кој ја прими македонската црква во канонско единство со другите православни цркви, но место иницијативата да заврши со целосна независност на МПЦ, изгледа дека спорот ќе продолжи – во некоја форма.
Тоа не е само еден, туку 100 чекори враќање наназад за македонската црква, којашто во 1967 година прогласи автокефалност. Со ваквата одлука за автономија всушност ќе треба да се откажеме од одлуката на МПЦ за прогласување автокефалност, оценува познавачот на верските состојби Бранко Ѓорѓевски за Дојче веле.
Во меѓувреме се огласи дури и Руската православна црква, која ја поздрави одлуката на СПЦ. Јасно е дека Москва ќе ја следи СПЦ во спорот, имајќи ги предвид крајно нарушените односи меѓу руската црква и Вселенската Патријаршија. Но оттаму уште почудно е што реакции дојдоа од илјадници километри далеку од нас, но во МПЦ владее молк.