Советот на јавни обвинители денеска едногласно ја одби како неоснована жалбата за суспензијата на шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска.
На 16 август, Јавниот обвинител Љубомир Јовески ја суспендираше Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против неа од страна на поранешниот директор на Финансиска полиција Арафат Муареми.
Претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски кажа дека Скопското обвинителство треба што побрзо да ја заврши постапката по кривичната пријава за да не трае долго суспензијата на Русковска.
„Основот е само за кривичната постапка, додека ги обезбедат доказите во ОЈО Скопје. Дел се обезбедени, дел се побарани, мислиме дека таа постапка брзо ќе заврши и ова оддалечување нема да трае долго време“, рече Јолевски и додаде дека ваквите постапки траат најмногу до 60 дена.
Тој вели дека несоработката на Русковска со Јовески довела до „овие непријатни состојби“.
Русковска, со обезбедена судска наредба, изврши претрес во Финансиска полиција на 18 јули по анонимни пријави од граѓани, а на 8 август Муареми во врска со претресот поднесе кривични пријави против Русковска и двете обвинителки од нејзиното обвинителство, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, кои го спроведоа претресот.
Како што тогаш соопшти Јавното обвинителство, Јовески поднел предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на трите обвинителки, за кои од Јавното обвинителство велат дека постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство.