Десетина дена откако почна со издржување на затворската казна екс судијата и претседател на скопска „единица“, Владимир Панчевски, ќе излезе од затвор откако Врховниот суд ја укина песудата против него и го врати целиот случај на повторно одлучување.
Панчевски беше осуден за наводно манипулирање со системот за електронско распределување судски предмети по случаен избор додека беше претседател на кривичниот суд. Овој систем треба да обезбеди да не се знае кај кој судија ќе завршат политички контроверзните судски процеси, кои ги има во голем број од почетокот на Шарената револуција. Панчевски бараше од судиите и да не ги прифаќаат илегално набавените снимени разговори како докази, иако ова беше главен доказ во предметите покренати од Специјалното јавно обвинителство.
Согласно одлуката на Врховниот суд, Панчевски ќе се најде на слобода од каде ќе учествува на ново судење кое ќе трае со години. Врховниот суд реши дека кога апелационите судии одлучувале по поднесените жалби по првичната затворска казна од три и пол години затвор изречена во Велешкиот основен суд, тие одлучувале без да го повикаат Панчевски јавно да ја образложи жалбата.
Во Советот кој ја донел одлуката учествувале како претседател на Советот судијата Сафет Кадрии, а како членови – судиите Фаик Арслани, Џемаили Саити, Африм Фидани и Мирјана Лазарова Трајковска.