Левица загубила три пратенички места на последните избори затоа што тие се одржаа во шест изборни единици, а не во една, пресмета Сител телевизија.
Оваа партија сега е дел од кампањата за укинување на шесте изборни единици и за избори во само една единица. Ова би значело дека малите партии нема да губат гласови во изборните единици каде нема да освојат пратеничко место, туку тие ќе се групираат. Барањето го поддржуваат и помалите коалициски партнери на СДСМ – ДС, ДОМ, ЛДП.. кои би можеле да ја урнат Владата доколку ова барање не им биде исполнето.
Левица и ДПА беа единствените „мали“ партии кои успеаа самостојно да освојат пратеници на изборите, додека сите други помали партии мораа да влезат во коалиција со некоја од поголемите партии.
Доколку се создаде само една изборна единица без изборен праг, а бројот на гласови остане ист како во 2020 година, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Алијансата на Албанците би загубиле по еден пратеник, а Левица би освоила 5. Партијата Интегра би освоила едно место. На изборите, Левица доби само две места, што значи дека изборниот модел ја чинел три пратенички места.
Доколку изборниот модел содржи праг од 2 проценти од гласовите за да се освои пратеничко место, тогаш СДСМ и ВМРО не би изгубиле пратенички места, бидејќи ДПА и Интегра не би влегле во Собранието и нивните гласови би завршиле на контото на поголемите партии. Левица тогаш повторно би освоила пет места.
Секако, на следните избори, доколку се воведе една изборна единица, повеќе мали партии би се решиле на самостоен настап и веќе не би биле принудени да се приклучуваат кон СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или некоја од поголемите албански партии. Во тој случај, големите партии ќе загубат многу повеќе пратенички места.
https://www.youtube.com/watch?v=T-tMKa0jwcI