Со повлекувањето на руските сили од делови на северна Украина кои ги освоија пред еден месец – пред се околу главниот град Киев и градот Чернив, се отвори прашањето што е рускиот план за натамошниот тек на војната.
Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател Владимир Зеленски, смета дека Русија планира да се утврди на југот на земјата и во источниот регион Донбас, и војната во Украина да ја претвори во замрзнат конфликт кој ќе трае во недоглед. Подољак ги критикуваше коментарите на западни експерти, од САД и Британија, кои како да се надеваат дека Русија ќе држи голем број војници низ огромни пространство во Украина и ќе трпи сериозни загуби како што се случи во Авганистан во 1980-ите години.
Нема да се случи „Авганизација“. Нема да има долг конфликт кој ќе ја исцрпува Русија како што некои очекуваат. Русија ќе ги напушти сите територии освен југот и истокот, и ќе се обиде да се вкопа таму, да постави противвоздушни одбранбени системи, драстично да си ги намали загубите и да диктира услови. Без тешко оружје, нема да можеме да ги избркаме, вели Подољак.
Ова би значело дека Русија ќе ја задржи област Херсон и дел од областа Запорожје, по должината на Азовско Море, со што ќе добие широк заштитен појас над Крим. Останува прашањето дали и кога Русија ќе се обиде да ја порази големата украинска армија на истокот, која притиска врз областа Донбас, како и дали ќе направи обид да се прошири кон големите градови Харков и Одеса, кои се сметаа за про-руски и чие освојување би било голем успех за Путин, но кои засега одолеваат на нападите, или воопшто не беа нападнати.