Поранешниот министер Никола Тодоров ја обвини Русија дека стои зад бугарското вето против Македонија. Во колумна објавеан од Дојче Веле, Тодоров вели дека е вџашен од руската инвазија врз Украина, по што реди низа на заканувачки чекори кои Русија наводно ги презела и врз Македонија.
Дали сте се запрашале на кој тоа не му одговараше да станеме полноправна членка на НАТО уште во деведесеттите години од минатиот век? На Америка или на Русија? Кој не дозволува нашата православна црква да биде признаена? Америка или Русија? Што мислите, кој ги „хушка“ Бугарите против Македонците и Македонците против Бугарите? Америка или Русија? Ве потсети ли на нешто изјавата на Путин дека не постои украинска нација и дека Украина е творба на Ленин? Кому му одговара Македонија да биде остров на нестабилност на Балканот, а со тоа и во Европа? На Америка или на Русија? Одговорот на сите овие прашања лежи во одговорот на прашањето-кој има интерес од тоа, вели Тодоров.
Во текстот тој го наведува примерот на неодамнешниот обид Македонската православна црква да биде призната од бугарската црква, и вели дека Русија интервенирала да се спречи овој план. „Епа сега драги мои, одговорете си на прашањето, Западот или Истокот е одговорен за понижувањата на Македонија во спорот со името и во споровите со Бугарија (нацијата), и Србија (црквата, читај нацијата)“, вели Тодоров.
На крај, поранешниот министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ вели дека неговата поранешна партија мора итно да се изјасни дека нема да влезе во коалиција со партијата Левица, поради нејзините отворени про-руски ставови.