Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров го спореди односот на рускиот претседател Владимир Путин кон Украина со бугарскиот однос кон Македонија. Во своето едночасовно вчерашно обраќање, Путин инсистираше дека Украина историски била дел од Русија и не е независна држава.
Современа Украина целосно, во целост, е создадена од Русија. Поточно, таа е создадена од бољшевистичка, комунистичка Русија. Процесот почна веднаш по револуцијата од 1917 година. Ленин и неговите соработници ова го направија на крајно груб начин кон Русија – тие откинаа дел од нашите историски територии. Никој не ги праша за тоа милионите луѓе кои живееа таму, порача Путин, поставувајќи историска основа за барањето Украина да остане дел од руската сфера на влијание.
Димитров одговори на ова со коментар на Твитер во кој директно ја обвини Бугарија за идентичен однос кон Македонија.
This narrative of “artificial” nations (hint: there is no such thing as a natural nation, all of them are social constructs) sounds painfully familiar. Replace Lenin with Tito and instead of Ukraine you get North Macedonia. In our case though, there are no guns, only EU leverage.
— Nikola Dimitrov (@Dimitrov_Nikola) February 21, 2022
Наративот за „вештачки“ нации (напомнувам: не постојат природни нации, сите нации се општествен конструкт) ми звучи болно познато. Заменете го Ленин со Тито и Украина со Северна Македонија. Во нашиот случај, не се користат пушки, туку притисок од ЕУ, напиша Димитров, кој во изминатите месеци стана остар критичар на попустливоста на Заев, Османи и Ковачевски кон Бугарија и бара Македонија да заземе цврст став против бугарските барања.
Коментарот на Димитров предизвика потсмешлив коментар од бугарскиот историчар Димитар Бечев, кој во минатото беше поддржувач на политиката на Димитров кон Грција. „Време е да го прогласиме Народните Републики Делчево и Струмица“, напиша Бечев.
Но Димитров продолжи да ја турка својата теза – „Во објаснувачкиот меморандум на Бугарија пишува ‘процесот на проширување не смее да го легитимизира етничкиот и јазичкиот инжењеринг кој се вршел под поранешните авторитарни режими’“, напиша Димитров. Бугарија ја обвинува Македонија дека е творба на Тито, и дека македонскиот национален идентитет и јазик биле формирани по 1944 година, врз дел од бугарскиот народ.