Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој по потпишувањето на договорот со Грција стана жесток противник на договорот со Бугарија, вели дека Софија преземала непријателски чин против Македонија со ветото и грубо се меша во македонските внатрешни работи. Тој ја обвинува Владата на Ковачевски и Османи дека со отстапките кон Бугарија, ризикува нејзините барања да станат дел од критеримите кои и самата Европска Унија ќе бара Македонија да ги спроведе.
И додека од другата страна нема спремност за добрососедски разговор што прилега на 21от век, да се зафатиме со работа дома. Во меѓувреме, односите треба да се приспособат на реалноста, а работите да се наречат со вистинските зборови. Ветото е непријателски чин. Уцена. Негирањето на правото на самоопределување е грубо мешање во суверенитетот и во една исклучиво наша работа. Тоа е непријателски чин. Еднаш за антиевропската бугарска политика кон Македонија реков дека со вакви “браќа” не ни требаат непријатели. Но, за жал, и со ваква надворешна “политика” на сопствената влада изгледа нема да ни требаат непријатели. Северна Македонија е независна и суверена држава, членка на НАТО, а не нечија провинција. Така треба и мора да се однесува, вели Димитров.