По подолго време, поранешниот премиер Никола Груевски се огласи во јавноста со политички став за преговорите со Бугарија. Според Груевски, се прави обид да се претстави дека Бугарија направила отстапки по прашања кои таа земја воопшто не ги поставува како спорни – дека признала дека моментално постојат македонски јазик и народ. А во исто време, вели Груевски, многу е веројатно на Бугарија да и се дозволи да ја преземе целата историја на македонскиотнарод.
Бранат нешто што не е нападнато. Кажуваат дека би подржале нов договор или анекс договор со Бугарија, па дури и промена на уставот доколку Бугарија прифати и даде (писмена) гаранција дека ќе задржиме нешто што Бугарија всушност воопшто не го бара, па дури и напротив, нејзините највисоки претставници кои се занимаваат со македонското прашање јавно говорат дека тоа не го спорат. Тоа е тезата дека за Македонија било најзначајно да се зачува името на јазикот, поточно дека нашиот јазик е македонски и дека ние сме Македонци и имаме македонска историја. Но, Бугарија одамна се согласува со тоа. Тие во изјавите велат дека не се спротивставуваат на фактот дека ние сме Македонци, дека македонската нација е реалност, па дури и дека говориме македонски јазик (во официјалните документи бараат да стои “согласно уставот”, но во усните интервјуа често и тоа го изоставуваат). Она што тие го бараат е поврзано со историјата на создавањето на нацијата и јазикот а не со тоа како денес ги именуваме, со историјата каде за пресвртна точка го земаат 2.август 1944 година кога е одржано првото заседание на АСНОМ и кога се донесени првите документи на кои се темели државноста на Македонија. Според тоа, да бидам попрецизен, нивните барања се да прифатиме дека до тој момент, до тој датум Македонците се чувствувале и се пишувале, односно се декларирале како Бугари, јазикот кој го говореле бил бугарски јазик, или дијалект на бугарскиот јазик и историјата на овој народ кој живеел на просторот на денешната независна држава Македонија (дел од нив сеуште се живи), до тој момент била бугарска историја. Ништо од тоа не било така, но тоа се нивните барања.. Јасно е дека ни треба деблокирање на нашиот пат кон ЕУ, нормализација на односите со соседна Бугарија и јасно е дека ако има договор ќе треба да се постигне некаков компромис… Но, не е во ред во нашите придобивки од тој компромис да вбројуваме нешто што не е барање на другата страна и за кое Бугарија не спори. Не е во ред да создаваме лажна слика на лажни односно непостоечки придобивки и непостоечки успех. Да не ја потценуваме интелигенцијата на македонскиот народ. Македонија е негова држава, на народот а не на мал број политичари и тој народ треба да знае што се прифаќа и што се добива од тоа и да се согласува со тоа, вели Груевски.
Во текстот, поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ коментира и за неговиот судски процес со Љубомир Фрчкоски, кога судот одлучи дека Фрчкоски без докази го обвинил Груевски за корупција во случајот ОКТА. Груевски исто така коментира за новите моменти во судскиот процес „плацови на Водно“. Целиот коментар на Никола Груевски е тука.