Пратеникот Борислав Крмов од Левица се судри со поранешниот министер во Владата на Груевски Никола Тодоров за поддршката која тој ја даде за промената на името на Македонија. Крмов го праша Тодоров за неговото лобирање кај пратеници – познатите осуммина од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за промена на името. Тодоров негираше дека лобирал, иако во тие матни денови Тодоров и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев се сретнаа со Зоран Заев да разговараат токму на таа тема.
Секако, нивното влијание не е од политички позиции, особено во партијата, но и покрај тоа што се исклучени, тие се чуствуваат ВМРО-ДПМНЕ, и верувам дека комуницираат со многу пратеници, така барем ми потврдуваат, такви се и моите чувства. Продолжуваме врз основа на разговори, врз основа на аргументи, врз основа на одговорност која сите ја имаме да се обидеме да помогнеме во целиот овој процес, изјави Зоран Заев по средбата со Тодоров во ноември 2018 година, кога разговарале точно за тоа како да се придобијат пратениците на оваа партија да гласаат за промена на името.
Сепак, Тодоров денес во дебатата со Крмов на Канал 5 негираше дека играл таква улога и му помогнал на Заев да дојде до 81 глас во Собранието.
– Не бевте вие во целиот процес кога се туркаше Преспанскиот договор? Не ги убедувавте тие осум пратеници? Тоа и самиот Заев го кажа. Од таа историска грешка не можеме да излеземе, обвини Крмов.
– Се сеќавате која беше мојата позиција? (дека ќе гласа на референдумот, но ќе биде против). Затоа што ние во ВМРО-ДПМНЕ како партија имавме став какво и решение да има, тоа да иде на референдум. Не се согласувам дека ние треба да се криеме позади тие што не излегуваат на избори, да кажам дека сите што не излегуваат на избори се за мене, и јас сум најголема политичка сила во државата, одговори Тодоров.
– Референдумот пропадна. Вие и ред други кои имавте кривични пријави што ви висеа на глава, вие лобиравте. Имавте пријава за злоупотреба на службена должност, отворена пред референдумот, затворена два дена по изборите 2020 година, одговори Крмов.
– Постапка за секој може да отворат. Истражува СЈО нешто и на крај гледаат дека нема ништо тука, нема кривично дело.
– За проневера на 850,000 евра.
– Кои никогаш не се исплатени.
– А што ви е поентата, дека бил уценет?, праша новинарот.
– Вие учествувавте во цензусот и лобиравте кај осумте пратеници, рече Крмов
– Не сум лобирал кај ниту еден пратеник. Кај ниту еден пратеник не сум се јавил да лобирам да гласа вака или така, прашајте ги, се бранеше Тодоров.
– Тоа Заев го кажа, потсети Крмов.
https://youtu.be/ESByVeu2d6Y?t=571