Утрово во Основниот суд Велес започна судењето на Павлинка Илоска која се товари за кривично дело „убиство во миг”. Таа во септември со нож го уби својот поранешен сопруг, полицаецот Александар Ристовски, откако тој ја нападнал.
Илиоска пред судијката која ја води постапката кажа дека не се чувствува виновна бидејќи делото го направила во самоодбрана. Во одбрана на Илоска веќе застанаа невладини организации и Хелсиншкиот комитет кои велат дека обвинетата треба да се товари за полесно кривично дело направено во самоодбрана, а не убиство на миг кое препишува затворска казна од една до пет години.
Илиоска вели дека била во спалната соба и легнала да спие кога Ристовски ја фатил за облеката и со неа ја влечел до кујната. Ја удирал со тупаници и клоци по главата и телото, силно ја фатил со раце за вратот и ја давел. Девојката го молела да ја пушти, а во еден момент од масата зела нож и го прободела директно во срцето. Убодот бил смртоносен за насилникот.
Ристовски претходно бил осудуван за сообраќајна несреќа во која со голема брзина повредил шестмина млади Велешани, како и за изнуда кога ја нападнал сестрата на Илиоска во обид да ја натера да ја препише семејната куќа.