Во Собранието се подготвуваат за продолжување на бурната расправија околу платите во јавното образование и вработувањето нови наставници. Двете водечки партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, се согласни да се зголемат платите, но сакаат јавноста да види дека тоа е нивна заслуга, а спорат и околу начинот на вработување нови наставници и како ќе се распоредуваат новите плати.
Барањето за покачување на платите дојде откако беше постигнат договор минималната плата да се зголеми на 18,000 денари месечно. Веднаш следеа барања на пензионерите и јавната администрација за нови покачување, во сооднос со растот на минималната плата. Од ВМРО-ДПМНЕ бурно протестира против предлогот на СДСМ да се олесни вработувањето нови наставници, без приправнички стаж, и платите да бидат зголемени и за нововработените наставници независно од работниот стаж.
Велите ВМРО-ДПМНЕ е против вработување наставен кадар. Апсолутно не сме против, но затскриената ваша намера тука е партизација на образованието и нерамномерна распределба на платите. Вашите партиски активисти кои сте имале намера до август да ги вработите, иако рокот е пројден, од првиот ден ќе имаат плата како некој што 20, 25 години коските ги оставил во образованието, изјави Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со викање и бурни протести го оневозможуваа гласањето на предлгоот во собраниската комисија.
Срамното, дрско и безобразно однесување на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ е на штета на наставниците и на сите граѓани. Ова парламентарно мнозинство ќе стори се да не дозволи деструкциите и блокадите на ВМРО-ДПМНЕ да успеат и да бидат усвоени овие законски измени кои ќе значат континуиран раст на платите на над 27,000 наставници од основното и средното образование и трајно вработување за 4,700 наставници и стручни соработници, одговори Санела Шкријељ од СДСМ.