Исселувањето ќе има позитивен ефект, ќе ја зголеми вредноста на работата – ќе ги натера младите да се вратат во земјата, изјави коментаторот близок од власта Алберт Муслиу.
Заминувањето на младите предизвикува недостиг на работна сила, но тоа позитивно ќе се одрази на вработените, бидејќи цената на трудот ќе почне да расте, што може да биде мотив плус за некои да почнат да се враќаат. Ова е ставот што на ТВ21 го изнесе Муслиу, кого деновиве од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат дека собрал стотици илјади евра од банката Еуростандард, преку неговата компанија која не ги вратила земените кредити.
Како пример Муслиу ја наведе Албанија, бидејќи според него, со зголемувањето на миграцијата се зголемила и вредноста на работната сила. Според него, тоа предизвикало многу Албанци кои заминале во Грција да се вратат во Албанија. „Мислам дека Албанија помина низ ова“, додаде Муслиу, кој и самиот придонесува кон исселувањето од Македонија, откако излобира неговиот Петри да биде пратен како конзул во Америка.
За потсетување, СДСМ ветуваше дека кога ќе дојдат на власт, ќе овозможат младите да се вратат во Македонија.