Министерот за правда Никола Тупанчески во изјава за А1он признава дека не ја платил картата за чартер лет и влезот во стадионот во Палермо. Фактурата за аранжманот, односно сместувањето, ја платил откако цела јавност го виде на трибините, односно по четири дена од одржувањето на натпреварот.
Чартер летот не е вклучен, воопшто не е вклучен. Затоа што и да сакате да биде вклучен чартер-летот тој не може да биде вклучен. Постои начин на организација на патувањето. Начинот или селекцијата на луѓето кои што патуваат треба да биде направен од страна на луѓето кои го организираат патувањето. Јас сум само еден од големата делегација на новинари, лекарски екипи, гости кои патуваат и јас сум само составен дел од делегацијата. Дури морам да ви кажам дека и делот што е платен е платен на мое инсистирање, бидејќи мислев дека така треба да биде, изјави Тупанчевски, откако со денови ја избегнуваше јавноста.
Тој првично изјави дека самиот си го платил патувањето до Палермо. Но, откако обвинителката Фатиме Фетаи, која што беше со него на трибините, ги покажа сметките, и се виде дека тие се платени отпосле, Тупанчевски почна да се крие од јавноста, што укажа дека и министерот ја мами јавноста.
Не чувствувам потреба дека треба да поднесам оставка бидејќи не е прекршен етичкиот кодекс поради тоа што сум патувал и сум го следел фудбалскиот натпревар Македонија – Италија. Точно е дека летав со авионот на Фудбалската федерација, но авионскиот билет и влезницата за мечот во Палермо сам си го платив“ вели во ексклузивно интервју за Трилинг министерот за правда, Никола Тупанчевски.
„Антикорупциската комисија слободно нека го истражува случајот, а јас ќе ги приложам сите сметки и извршени трансакции таму каде што треба“, дециден беше министерот за правда.