Францускиот претседател Емануел Макрон му најавил на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Србија ќе биде првата земја која ќе влезе во Европската Унија.
Макрон и Вучиќ вчера разговарале преку телефон, во екот на француските дипломатски иницијативи во врска со војната во Украина. Србија одби да воведе санкции против Русија, и даде полу-осуди на руската воена интервенција во Украина, поради што се соочи со остри притисоци од САД и од Европската Унија. Изгледа дека Белград ќе успее ова свое седење на две столчиња да го валоризира со отстапи од ЕУ.
Претседателот Макрон му изрази лична поддршка на претседателот Вучиќ за начинот на кој ја води Србија кон иднината. Тој на претседателот Вучиќ недвосмислено му порача дека, без оглед на геополитичките промени во Европа и во светот, Србија останува клучен приоритет и ќе биде прва земја која ќе влезе во Европската Унија, соопшти кабинетот на Вучиќ.
Франција во моментот го држи ротациското претседателство со Советот на Европската Унија. Србите веќе имаат придобивки од одржувањето блиски односи со Русија – пред се во добивањето природен гас по крајно ниски цени.