Договорот кој е еден од 11-те потпишани договори помеѓу Албин Курти и Зоран Заев, дозволува влез, престој и транзит на т.н. „Сили на безбедност на Косово“ низ територијата на Република Македонија. Изговорот кој се користи за ваквиот срамен чин е дека силите на Косово би служеле како помош на Македонија во безбедноста и итното реагирање за време на кризи. Но, тоа се лаги од страна на двата протекторатски вазали и немаат никаква подлога во реалноста, реагираше партијата Левица преку соопштение.
„Слободното престојување на воени сили на друга држава на територија на формално суверена и независна Република Македонија, се чекор кон целосна окупација и вршење политичко влијание врз политиката од највисок степен. Особено кога се воени сили на нелегитимна држава, која е непризнаена од страна на Обединетите Нации. Воените сили на Косово се уште еден чекор кон остварување на фашистичкиот сон за Голема Албанија и ќе се користат како аргумент и страшило против секој слободоумен македонски патриот, особено политичките организации со анти-империјалистички карактер. Впрочем, токму на оваа средба со Заев, Курти ни соопшти дека Косово нема намера да ги екстрадира во Македонија осудените злостроници од случајот ’Монструм‘, што е уште еден акт на саботажа на македонскиот правен поредок. Левица е против ваквиот договор и се залага да го укине, како и воопшто признавањето на Косово, штом дојде на власт. Не смееме да дозволиме Македонија да стане Палестина на Балканот“, соопшти партијата на Димитар Апасиев.