Хелсиншки комитет? И тоа за човекови права? Зар вие сѐ уште постоите? Ви се извинувам што со моето писание ве разбудив од длабокиот сон…
Ако ве разбудив или некој ве подбуцна да се огласите, ако сте управувани и зависни од истите оние Македонци – властодршци кои ги уништија човековите права на сопствениот македонски народ, кој како сирак остана незаштитен и од вас, и од како вас – бројните невладини организации залепени до власта, засрамете се!, пишува Јагнула Куновска во колумна за Плусинфо.
Во продолжение вели:
Мене ли ме најдовте да бидам ваша „жртвена коза“ и со мене да го покриете и оправдате вашето лежилебарство?
Кај сте до сега да реагирате на неброените колумни, изјави, закани, урлања… пишувани од кој стигнал, од кои блика омраза и нетрпеливост спрема Македонецот, македонскиот јазик?
Или за обезличувањето и гнасното игнорирање на Македонецот, на кого во неговата сопствена држава му е одземено човековото правото за самоопределување?
Мене ли ми калемите дека ширам омраза, кажувајќи го тоа што вие премолчувате да го кажете, со зачепени усти?
Јас реагирам… Како човек реагирам – наместо вас, платените за тоа!
Сега, кога ја отворивте темата за моето однесување и писание во колумната „Што ги чека Албанците?“ објавена во интернет-порталот Плусинфо на ден 21.08.2022 г., да ви кажам:
Веднаш да турите клуч на вашата голема фирма, за да го заштитите од брука големото име кое недостоинствено го носите! Напаѓајќи ме мене, вие само ги силите сејачите на омразата, поделбата, криминалот… против сѐ што јас се бунтувам и го изнесувам пред јавноста.
Имам право на тоа!
Мојот навод во колумната е само парафразирање и критика, меѓу другото и на дел од текстот на колумнистот (чие име нема да го споменам), објавена на ден 04.08.2022 г., на интернет-порталот на албански јазик „Шења“, а преземен на повеќе портали на македонски јазик, под наслов: „Народ што питачи за распаѓање“, каде е наведено дека:
„…Македонија е проколната земја… Сега и по 32 години таа изгледа како дете родено со физички и психички недостатоци. Македонија дефинитивно не го оправдува своето постоење…“.
Тоа не се мои зборови!!! Не се мои зборови, туку негови, како и оние кои јас ги парафразирав во мојата колумна, а за кои – дрндрндрн… – ме обвинувате дека се мои, а кои гласат:
„Мора сериозно да размислиме дали ќе продолжиме да губиме време и луѓе со овој расипан ментален код“, односно авторот се прашува дали Албанците да продолжат со Македонците, кои имаат расипан ментален код…
Кого вие го осудивте за тие зборови? Ми замеривте мене, што наместо вас ги осудив и оние кои пишуваа за поделба на Македонија, за отцепување на нејзиниот западен дел и за приклучување на Албанија. Или, што се побунив на колумната на едикојси професор на факултет кој воспитува млади… што бесрамникот пишуваше дека историјата на Македонците започнува од времето на фудбалерот Д.П.? Или, за урлачите кои го исвиркаа македонскиот јазик. И да не набројувам веќе…
Вашето полтронство, недораснатост и срам, што сте присутни во тој Комитет, како жива штета за македонската држава и за македонскиот народ, на мене ли ги истуривте и со мене си ги плакнете? Или сакате да го плашите народот кој е приклештен од сите страни, а вас мува не ве лази? Да ќути – да не зборува и да не се буни против многуте и таквите како вас?
Коригирајте се себе во вашето работење, ако можете. Јас лично одговарам за сѐ што зборувам и пишувам. Секогаш тоа го чинам со аргумент и му се обраќам на паметниот македонски народ, кој вие го потценувате. Мојот народ правилно ја сфаќа смислата на мојот збор.
Јас сум независна личност. Непросветлени и заробени ѕвезди како вас, кои со години егзистираат како „голема фирма, бедно положение“ – не ме интересираат!