Македонската држава практично е институционално нападната, штом дозволува регистрација на здруженија што со своето именување претендираат на возобновување на фашизмот и на нацизмот, вели професорката Наташа Котлар за Нова Македонија.
Институциите одговорни и задолжени за процена на критериумите и документацијата за регистрирање здруженија со вакви имиња не реагирале соодветно, а со тоа не работат за интересите на државата Македонија. Не се реагирало соодветно пред една година кога здружението било регистрирано во Регистарот на здруженија на граѓани, а не реагирал ниту судскиот систем. Уставен суд досега не реагираше ни за регистрацијата на културниот клуб во Битола, со името на Ванчо Михајлов, а ниту за овој од Охрид, со името на бугарскиот цар Борис Трети… Самото замижување на ваквите очигледни провокации, кои претставуваат обид за возобновување и ревидирање на врховистичко-балистичката идеологија, е резултат на дерогирање на државните институции од партиската клика на власт. Тоа, секако, удира по темелите на антифашизмот на македонската држава и создава нова практика, односно обид за нетактичко наметнување ревизионистички постапки за изопачување на историската вистина, вели историчарката.
И покрај „културниот“ предзнак на овие здруженија на граѓани со т.н. бугарска самосвест, единствениот ефект од нивното досегашно постоење е провоцирање на македонското општество во интерес на продуцирање „аргументи“ за Бугарија да докажува во ЕУ дека во Македонија постои „говор на омраза“ против Бугарите и да ги оправда сите вета за почеток на македонските преговори за членство во Унијата.
Со вметнувањето на бугарските барања во македонската преговарачка рамка, условена со внесување на Бугарите во македонскиот устав, јасно читлива, но уште повеќе иритирачка е целта на постоењето и активностите на ваквите здруженија.
„Иако формално регистрирани како здруженија за културно зближување, овие своевидни (про)бугарски здруженија во Македонија немаат никаква културна интеракција со македонскиот народ. Напротив, очигледно е дека нивната цел е неверојатна провокација, со именување на тие клубови, а со тоа и величање ликови што спроведувале нетолерантни, негаторски и асимилаторски политики спрема Македонија и македонскиот народ. На тој начин се настојува да се исполни политиката бугарска асимилација на Македонците, но и историски да се ревидира поврзаноста со фашистичко-нацистичката идеологија на бугарскиот цар Борис Трети, а со тоа и полесно да се оправда улогата на Бугарија во Втората светска војна. Но голем број документи и закони носени во тоа време во Бугарија ја потврдуваат поврзаноста на царот Борис Трети со деструктивната фашистичко-нацистичка идеологија, а не постојат такви што докажуваат дека тој се оградил или ги одбил таквите релации. Секој обид за релативизирање на поврзаноста на Бугарија и нејзините власти во Втората светска војна со фашизмот е обид за ревизионизам, што ја погазува историската вистина. А постоењето клубови во Македонија што величаат историски ликови блиски на фашистичко-нацистичката идеологија, уште и негаторски и асимилаторски настроени спрема македонскиот народ, претставува демонстрација на отворена намера за современ колонијализам и хегемонизам во 21 век, предупредува професорката.