Премиерот Димитар Ковачевски не стравува дека владејачкото мнозинство во Собранието би можело да се загуби поради незадоволството во ДУИ од страна на фракции.
„Нема опасност од губење на мнозинството во парламентот“, рече денеска Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања.
Изјавата на премиерот доаѓа откако пред неколку дена актуелни и поранешни функционери од ДУИ до медиумите лиферуваа реакција со незадоволство за состојбите во партијата за кои како одговорен го посочија првиот вицепремиер Артан Груби.
„Арогантното и дилетантско однесување на извршната власт на чело со Артан Груби предизвика незадоволство, револт и пасивност на структурите и на гласачите“, пишуваше во дел од реакцијата.
Истакнатите членови на ДУИ наведоа дека во партијата не се формираат статутарните партиски органи, политичкото одлучување станало индивидуално и немало никаква дебата и консултација со базата. Оттука, побараа од лидерот Али Ахмети да ја заврши војната односно да го зачува единството, да се отвори внатрепартиската дебата за да се надминат состојбите, но и да се даде отчет од функционерите во извршната власт.
Меѓу потписниците, како што е познато, се петмина актуелни функционери: двајца пратеници – Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику; заменик-министерот за одбрана Башким Хасани; и градоначалниците на Чаир и на Сарај, Висар Ганиу и Блерим Беџети. Од поранешните функционери, пак, меѓу оние што ставија потпис се и ексвицепремиерот Муса Џафери, како и бившиот градоначалник на Гостивар, Невзет Бејта.