Рон ДеСантис, гувернер на американската сојузна држава Флорида, најави дека веќе нема да дозволи исполитизирани научници да ја определуваат политиката во борбата против корона вирусот.
Веќе две години велиме дека има несогласување меѓу наративот што се гради, меѓу најавите на доктор Фаучи за тоа што треба да правиме, и реалните податоци кои треба да ги поткрепат или не ги поткрепуваат неговите политики, изјави ДеСантис.
Под негова власт, Флорида беше една од најотворените држави во САД, со минимални ограничувања како во економијата така и во образованието. Поради ова, илјадници Американци од други делови на САД побегнаа во Флорида. ДеСантис, кој подготвува претседателска кандидатура во 2024 година, ја обвини доминантната група епидеомиолози, кои беа именувани да ја водат американската политика кој корона вирусот, дека постапувале водени од политички цели, а не од науката.
Најмногу пет проценти од Ковид случаите биле пренесени преку јавни училишта, а според некои испитувања, оваа бројка можеби била само 1 процент, оцени епидемиологот Кристофер Д’Адамо на конференција свикана од гувернерот, на која строго беше осудена политиката да се затвораат училишта и децата да се тераат да носат маски, со што значително се наруши нивниот образовен процес.
Мораме да ја вратиме науката на нејзиното вистинско место во општеството. Научниците треба да советуваат, но не да диктираат политики. Сметам дека, кога ќе спроведеме анализа на нашите постапки, ќе се смета дека карантините биле огромна грешка, оцени лекарот Џеј Батачарија, додека доктор Роберт Малоун, кој се соочува со обиди за цензура во САД, додаде дека „нема никакво здравствено оправдување да се тераат деца да примат вакцини за Ковид“.
Мислам дека нашата дискусија кристализираше многу нешта кои досега ги забележавме – недостигот на доверба во лекарскиот естаблишмент, во Комисијата за спречување на заразни болести, потоа политизацијата на овие институции, и сето тоа нема да се одрази добро на нас како општество. Во целост не успеавме да направиме реална проценка на предностите, но и штетите кои ги носат нашите постапки, дали зборуваме за карантините, или за затворањето на училиштата, и за тоа дали здрави деца на 7 години треба да бидат вакцинирани, заклучи гувернерот.
Епидемијата веќе не е толку во фокусот на јавноста – нејзиното место го зема растечката економска криза и војната во Украина – но во голем дел од САД и од светот граѓаните се уште се соочуваат со строги рестрикции и со влади кои си дадоа за право да диктираат и да бараат досега незамисливо ниво на послушност од своите граѓани.