Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес преку видео врска се обрати на грчкиот Парламент. Зеленски веќе со недели држи вакви настапи пред парламентите на земјите членки на НАТО, и редовно бара воена помош за Украина.
Но денешниот настан заврши со скандал, откако украинскиот претседател покани соговорник – етнички Грк кој се бори како припадник на баталјонот Азов. Зеленски сакаше да покаже дека грчката заедница во Украина, која е особено бројна во опколениот град Мариупол, е тешко погодена од војната. Но, ова предизвика бурни реакции, бидејќи Азов е неонацистичка единица со многу проблематично минато.
Зеленски ја злоупотреби поканата од грчкиот Парламент со тоа што ја сподели говорницата со членови на неонацистичкиот баталјон Азов. Со тоа, тој ја изруга херојската борба на украинскиот народ против криминалната инвазија на Путин. Ние стоиме рамо до рамо со Украина, но не и со неонацистичкиот баталјон Азов, порача грчкиот левичарски политичар Јанис Варуфакис.